ВестиЗапознавање

Има ли нешто повкусно од МАКЕДОНСКИ ЗЕЛНИК: Кој пробал, побарал уште едно парче

Негување на традицијата - Зелник фест 2022

Непосредно пред почетокoт на летото во прекрасниот амбијент на здружението ,,Вардар Карачево’’ се одржа тринаесеттиот по ред ,,Зелник фест’’. Овој пат, фестот беше ревијален и без натпреварување, што не влијаеше на расположението на учесниците, кои ги земаа сукалата в раце и ги развлекуваа тестата и корите подготвувајќи вкусен македонски зелник. Секој на свој начин, со различни состојки и рецепти, бидејќи овој автентичен македонски специјалитет се прави на неколку начини во различни делови на Македонија. Така во четиринаесет тепсии, имаше зелници во различни варијанти, со праз, зелка, сирење, штавеј, па дури и сланина.

Во подготовката се вклучија и најмладите.

Домаќините обезбедија брашно, масло, сол, шеќер и квасец, додека учесниците донесоја тепсии, сукала и содржина за филот. Покрај домаќините од Качарево учествуваа и македонските здруженија „ Илинден“ од Јабука, „Македониум“ од Белград, ,,Вардар“ од Вршац, Етно катче Качарево, се на се 10тина мајстори на оваа традиционално македонско јадење.

Сите направени зелници, со различни состојки и рецепти, беа изедени за многу кратко време. Има ли нешто поубаво од македонски зелник? Кој пробал побарал уште едно парче – се слушаа коментари од задоволните гости и учесници.

Меѓу гостите беа и претставници на Македонскиот национален совет, кој што е и покровител на оваа традиционална манифестација, претседателот Борче Величковски и претставниците на македонската амбасада во Белград.


За зелникот

Зелникот е легендарна кулинарска класика во Македонија . Самиот поим доаѓа од поимот „зелје“, што всушност се однесува на самите зелјести растенија кои се ставале во питата. Напролет домаќинките обично користеле коприва и штавеј, во лето – листови од цвекло, праз, пресна зелка, а во зима – кисела зелка. Го печеле под вршник, и обично се послужувал топол со кисело млеко или сирење. Често правеле и пити, т.н. „благи зелници“, најчесто со тиква, а некаде и со јаболка.

Еден од рецептите и подготовката на оваа традиционално македонско јадење ви претставуваме ТУКА

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button