МАК Инфо Продукција

Македонско и митско девојче

Нови, авторски, современи културни содржини во македонската заедница

Музичкото дуо ВЕЛИОН, во чиј состав се наоѓаат академските музичари Горан Милошев и Дамјан Деуриќ, премиерно го претстави музичкиот спот за песната ,,Ој девојче девојче, ти тетовско јаболче“ на Youtube платформата. Станува збор за една одлична обработка на стара македонска песна, која имате прилика да ја слушнете во едно ново и поинакво руво во изведба на Горан Милошев. Новиот аранжман го потпишува ова музичко дуо, а нејзината филмска визуелизација остварена е во вид на одличен видео спот, реализиран во продукција на МАК-ИНФО а под покровителство на Националниот совет на македонската национална заедница.

Во изминатиов период, Горан и Дамјан работаат на реализација на проектот за снимање музички албум со нивните авторски аранжмани и обработки на македонските традиционални песни. На албумот треба да се најдат 8 – 12 традиционални македонски песни, а се планира и нивна екранизација. Песната и спотот ,,Ој девојче девојче, ти тетовско јаболче“ кој наиде на голем оддек, пред се во македонската заедница во Србија, но и во музичкиот свет во Србија наречен world music (светска музика) е само вовед во тој проект.

  • Мене и Дамјан (Велион) не поврзуваат вистинската љубов и почит кон традиционалната македонска музика, и тоа беше импулс за почеток на нашата соработка, вели Горан Милошев. Јас сум по потекло од Македонија и голем дел од мојот живот го поминав долу, така да ги усвоив јазикот, културата, музиката, кујната, генерално начинот на живеење каков што таму се води. Од друга страна, Дамјан е уметник кои години наназад соработува со разни музичари од Македонија и неброено пати настапуваше и престојуваше таму. Кога се промовира нешто ново, секогаш сум со доза на резервираност, скромност, спремен да прифатам и најдобра и најлоша реакција од публиката. Но, реакцијата на публиката по објавувањето на оваа наша прва песна ме направи и прави многу среќен. Тоа е голема награда за вложениот труд на овој материјал, а истовремено и огромна мотивација за понатамошна работа.

Инспирацијата за самиот назив на бендот, но и за севкупната атмосфера која што преовладува во оваа нивна прва песна, ја пронајдоа во митовите поврзани со балтичкото-словенско божество наречено Велион. Оваа богиња на смртта и чувар на душите на предците поседува и моќ на контрола врз четирите главни елементи: водата, огнот, земјата и воздухот. Мистичната атмосфера се постигнува како со визуелните, тако и со музичките односно аудио решенија.

  • Во музичкиот аранжман на самиот почеток доминира ритмичкиот мотив на тапанот, со сведена комбинација на вокалот и гитарата, следува ,,полнење на звукот” и кулминација после која доаѓа до смирување и почетниот ритмички мотив, вели Милошев. На визуелниот план прикажана е приказната во која што се чита тематиката на текстот на песната.

Горан Милошев, инаку мастер етномузиколог и активист на Форумот на младите Македонци во Србија, во изминатите неколку години ја истражуваше традиционалната музика на Македонците во Војводина, што резултираше со издавање на книга ,,Играчка и музичка традиција на Македонците во Качарево” под покровителство на Форумот на младите Македонци.

  • Ова е само логично продолжение на мојата работа на полето на промовирање и афирмирање на македонската традиција и култура на овие простори.  Најважно е кон работата да се пристапи со љубов и со позитивна енергија. Музиката изглегува кога таа самата сака, не кога ти сакаш. Затоа треба да си секогаш спремен со позитивна енергија и да и дозволиш да излезе од тебе, да ја насочиш, да ја оживееш.

Голема работа е пред овие млади момци.

Со нетрпение ги очекуваме новите песни и спотови, албумот, како и можноста музиката која што ја творат да ја слушнеме и во живо.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button