Вести
Актуелно

По 7 години, во Белград пристигна новиот македонски амбасадор

Новоименуваниот ополномошен амбасадор на Република Македонија во Белград е проф.д-р Никола Тупанчески. Тој денес присуствуваше на свечената церемонија кај српскиот претседател Александар Вучиќ, при што му ги предаде акредитивните писма.

  • Предавањето на акредитивните писма на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, преставува формално отпочнување на можноста соработката меѓу овие две држави да биде подобрена и истовремено да се надгради. Ова е вистински момент. И во своите тези што ги бранев пред македонското собрание напоменав дека се работи за период што има ренесансен карактер и кој во иднина треба да преставува иницијална каписла во остварувањето на сите замислени можности и форми за соработка“ – изјави амбасадорот Тупанчески.

По пауза од седум години, проф д-р Никола Тупанчески, поранешниот министер за правда, стана шести македонски амбасадор во Република Србија.

Никола Тупанчески е долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Роден е на 19.12.1961 година. Тој е доктор на правни науки и професор во областа на казненото право. Во 1988 година бил избран за помлад асистент на Правниот факултет, а во 2012 година бил избран за редовен професор. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со магистерскиот труд под наслов: „Противправно заземање земјиште во државна сопственост“. Докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година со докторскиот труд под наслов: „Даночното затајување во споредбеното право и во правото на Република Македонија“.

Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Предавал на втор циклус студии – магистерски студии по интелектуална сопственост (IPRs Enforcement) како соработка на Универзитетот од Стразбур и УКИМ од 2010 до 2011 , а учествувал и во предавањата на постдипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје – Европски студии за интеграција, на Полициската академија и на магистерските студии по форензика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Тупанчески раководел со постдипломските студии од областа на казнено-правните науки, а бил и постојан претставник во Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО), Совет на Европа.

Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија.

Тупанчески е ментор на повеќе магистерски тези и докторски дисертации. Членството во Арбитражниот одбор на Меѓународниот арбитражен суд, во Уредничкиот совет во научното и практично списание „Општество и закон” и претседателствувањето со Македонското претставништво на Здружението на криминалисти и криминолози (Союз криминалистов и криминологов), се дел од неговата биографија. Тој е и правен експерт и предавач во бројни домашни и странски институции и организации. Учесник на бројни меѓународни и домашни истражувачки проекти и автор е на значајни научни трудови и публикации.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button