„Добри луѓе“ на Милчо Манчевски – филмско сведоштво за трагедијата во Кочани

Новиот долгометражен документарен филм „Добри луѓе“ на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски предизвика силни емоции кај публиката по неговите први проекции. Филмот е посветен на трагедијата во Кочани и на луѓето чии животи засекогаш се променија по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Во центарот на документарецот се сведоштвата на преживеаните, семејствата на загинатите и луѓето кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат човечки животи. Манчевски не ја реконструира трагедијата на класичен филмски начин, туку им го отстапува просторот на луѓето кои непосредно ја доживеале.
Филмот е снимен со минимална екипа, само еден месец по пожарот во „Пулс“, во кој животот го загубија 63 млади луѓе. Манчевски го реализирал со приватни средства преку продукцијата „Банана филм“, во соработка и со поддршка на „Support Kocani“.

По светската премиера на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што филмот беше прикажан во официјалната документарна програма, „Добри луѓе“ се врати таму каде што приказната најмногу боли – во Кочани. Првата проекција во Центарот за култура „Бели мугри“ се одржа на 22 август 2026 година, а приоритет за присуство имаа повредените во пожарот и семејствата на загинатите.
Манчевски истакна дека целта на филмот била да се забележат чувствата, размислувањата и искуствата на луѓето кои директно се соочиле со трагедијата. Затоа авторската екипа намерно останува во втор план, оставајќи ги лицата и гласовите на соговорниците непосредно да допрат до гледачот. Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажаа од заработката, а приходот од филмот е наменет за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани.
„Добри луѓе“ е истовремено документ за една голема трагедија и сведоштво за човечката солидарност – за луѓето кои, соочени со опасност, наместо да се свртат настрана, се обиделе да спасат други. Наскоро се очекуваат и проекциите во Србија.



