ВестиКултура

,,Дон Жуан” на Андреј Цветановски премиерно во Вршачкиот театар

Најновата претстава на македонскиот режисер Андреј Цветановски беше премиерно изведена во Вршац, во Народниот театар „Стерија“, со што овој театар го одбележа и својот 78 ми роденден.

Публиката го поздрави ансамблот со долг и искрен аплауз, препознавајќи го квалитетот на претставата и ансамблот на театарот кој ги покажа на сцена своите уметнички капацитети.

Цветановски изрази големо задоволство од соработката со вршачкиот театар. Во неговиот опус доминира класичната светска драматургија, како и делата на македонските автори, со режисерска естетика која е визуелна и со намерата да се создаде ново читање на класичната приказна. „Дон Жуан“ е приказна која е инспирација за многу светски уметници и основа за многу светски дела. Големиот заводник и неговите авантури низ делата на Молиер станаа светска класика која сите ги интересира на различен начин.

Андреј Цветановски

Во оваа интерпретација на исконското дело, режисерот се движеше по линијата на човечката страна на Дон Жуан, барајќи го потеклото на неговата природа. На сцената публиката е сведок на деконструкција на митот за големиот заводник, причините за неговото непочитување кон сето она што го имаат другите луѓе, наоѓајќи ги во односот со неговиот татко. Токму тој однос ја создава сликата на млад човек кој го носи целиот овој пркос кон општеството како целина.

„Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и се што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствијата на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф.

Улогата на Дон Жуан му беше доверена на младиот актер Милош Ѓуровиќ, додека гостинот Милош Лазиќ, добитник на наградата за актерство на Стерија, ја толкува улогата на слугата на Дон Жуан, Зганарело. Сопругата на Дон Жуан, Елвира, ја толкува актерката Јована Божиќ од Вршац, а селанките од бескрајниот ред на заведени и измамени жени, Матурина и Шарлот, ги играат Вања Радошевиќ и Марија Пантин/Јована Андрејевиќ-Грујиќ. Предраг Грујиќ ја толкува улогата на селанецот Пјеро и братот на Елвира, Дон Карлос, додека Срѓан Радивојевиќ ја игра улогата на таткото на Дон Жуан, Дон Луи. Иван Ѓорѓевиќ ја игра улогата на Дон Алонсо, другиот брат на Елвира и трговец Диманш.

По премиерата беа доделени годишните награди на најистакнатите работници на Народниот театар „Стерија“.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button