ВестиКултура

Музеите од Србија, Македонија и Бугарија потпишаа договори за заеднички активности

Археолошкиот музеј на Република Македонија, Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките и Националниот музеј на Србија денеска во Министерството за култура на Бугарија, во присуство на ресорниот министер Велислав Минеков, потпишаа договори за заеднички активности.

На потпишувањето присуствуваа замениците министри за култура на Бугарија, Борислава Танева и Пламен Славов, како и амбасадорите на Македонија и Србија во Софија, Агнеза Руси Поповска и Желко Јовиќ. Музеите потписници ги претставуваа нивните директори, а гостин беше и директорот на Историскиот музеј од Охрид.

Бугарскиот министер за култура Минеков на церемонијата ја истакна добрата соработка и плодните средби што ги оствари неодамна во Македонија, како и претстојната изложба за Требеништа во Софија.

Амбасадорката на земјава во Софија, Руси-Поповска, се осврна на позитивната динамика на односите меѓу двете соседни држави и зборуваше за заедничката европска иднина.

Амбасадорот на Србија Жељко Јовиќ истакна дека живееме во тешки времиња и многу е убаво да се вратиме во историјата на поинаков, подобар начин.

Минеков на шега рече дека не знае дали е европски министер, но секако е балкански, зборувајќи за активните и плодни односи на бугарското Министерство за култура со сите земји на Балканот. Тој зборуваше за заеднички проекти поврзани со конзервација и реставрација на културното наследство и размената на експерти од оваа област.

Договорите потпишани во Софија се за период од седум години. По изложбата за некрополата од Требеништа, следен чекор на соработката помеѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при БАН, се планира во есента следната година кога бугарскиот музеј треба да постави изложба во Скопје посветена на културата на античка Тракија. Првата заедничка изложба „100 години Требеништа“ со голем успех се одржа во Скопје во 2019 година. Според договорите во Софија, планирано е следните две изложби поврзани со богатствата од Требеништа да се одржат во Софија во 2023 година и во Белград во 2025 година.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button