ВестиИнформирање

Порталот „Мак инфо“ го прослави својот прв роденден

Порталот „Мак инфо“ го прослави својот прв роденден. Тимот на овој портал го сочинуваат искусни новинари, но и млади луѓе, кои со својот ентузијазам и мотивација стремат да бидат иновативни, а пред се да ги дадат најважните информации на припадниците на македонската национална заедница.

–  Кога се роди идејата да направиме чекор напред и да го осовремениме информирањето на македонски јазик, бев навистина пресреќна и се потрудив да го споделам моето новинарско искуство со колегите. Кога ќе се осврнам на претходната година, можам да кажам дека успеавме да постигнеме повеќе од планираното – изјави Елизабета Ивановиќ.

–  Порталот „Мак инфо“ покажа колку е активна македонската заедница овде во Република Србија. Посетеноста на сајтот, актуелност и голем број на граѓани кои го следат покажаа дека таа идеја била одлична и ќе продолжиме во тој смер и ќе се обидеме да биде уште подобар, заклучи Митко Арнаудов.

За една година од своето постоење, порталот успеа да ги развие и прилагоди своите содржини наменети на сите генерации, вели Зорица Митровиќ, главен и одговорен уредник.

–  Добар повод за средба на дел од тимот „Мак инфо“, помина една година откако порталот започна со работа. Ги сумиравме впечатоците и навистина, сајтот секој ден е се побогат, имаме се повеќе членови на редакцијата и луѓето се многу расположени сами да ни испраќаат фотографии и информации за настаните што ги организираат. За една година станавме препознатливи по информирањето на македонски јазик овде во Република Србија, но и пошироко, бидејќи некои од нашите објави ги преземаат и други медијуми и портали од Македонија, но и од другите држави па дури и континенти. Во денешно време, се поголем број, не само млади, ги користат социјалните мрежи и интернетот за да се информираат, па затоа е многу важно да имаме и ваков вид на медиум. Информирањето на мајчин јазик е од суштинска важност и е значителен идентитетски ресурс на секоја малцинска заедница, и доколку не му посветиме доволно внимание и ангажман ја оставаме отворена можноста за асимилација. Затоа е многу битно да ја информираме и нашата заедница, но и сите останати за нашата заедница и тоа го правиме во, за сега, неколку рубрики, преку актуелните настани, објавување на биографии на истакнатите Македонци кои со своето творештво или активизам оставиле трага во македонската заедница во Србија, репортажи за традиционалните манифестации, а имаме и блог и едукативни рубрики за македонскиот јазик и техники за совладување на шахот. Неодамна е креирана и рубрика за најмладите припадници на македонската заедница, наречена „Детско катче“. Исто така, во рамките на порталот е отворена е и електронска радио станица, чии содржини се наменети за сите генерации – вели Зорица Митровиќ.

Во наредниот период посетителите на веб-страницата „Мак инфо“ ќе можат да уживаат во емисии за готвење на македонски традиционални јадења, кои се во подготовка, најавуваат уредниците.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button