6 години Централен совет на Македонците во Германија

На 3 октомври 2019 година беше основан Централниот совет на Македонците во Германија. Со одлука на Регистарниот суд во Берлин-Шарлотенбург од 28 јануари 2020 година, здружението беше официјално впишано во регистарот на здруженија.
Веќе шест години, Централниот совет на Македонците во Германија се афирмира како централно претставничко тело на македонската заедница во Сојузна Република Германија. Тој е непартиска и непрофитна институција, чија главна задача е зачувување на културниот идентитет, јакнење на општествената кохезија и унапредување на германско-македонските односи.
Централниот Совет се залага за почитување на правата на Македонците согласно со принципите на меѓународното и човековото право. Воедно, им дава поддршка на македонските здруженија и организации во Германија за успешно остварување на нивните цели и активности.
Онлајн присуството на Советот преку www.zentralratdermakedonen.de од 2020 година нуди информации и содржини од областа на културата, политиката и општеството на македонски и германски јазик.
По повод шестгодишнината, Управниот одбор им изразува благодарност на сите членови, партнери и поддржувачи за нивната соработка и доверба. Само преку заеднички ангажман Централниот совет може да ја исполнува и унапредува својата улога како глас на македонската заедница во Германија – стои во соопптението на Централниот совет на Македонците во Германија.