Јубилејната сезона на ,,Астерфест” претставена во Белград
Неодамна во Белград, во културниот центар „Тикарк“, беше одржан промотивен настан по повод јубилејната сезона на „Астерфест“.

Беа претставени најновите печатени изданија на астерфестовската филмолошка едиција „Словенски Орфеј“, а беше прикажан и визуелниот идентитет на 20-то издание. Воедно се зборуваше за значењето на јужнословенската кинематографија и за регионалните авторски и институционални субјекти кои оставиле траги низ двете децении на овој македонски фестивал, како и за улогата на основачите, авторите и лауреатите на „Астерфест“ во поширокиот балкански културолошки контекст.
Модератор на вечерта беше претседателот на Здружението на драмските писатели на Србија и филмски советник Зоран Стефановиќ, кој го водеше и разговорот со директорот на „Астерфест“ д-р Горан Тренчовски. Дел од настанот беа и неколкумина видни белградски пријатели од академската заедница. Се разви и панел-дискусија која беше базирана врз личните искуства и практики на присутните: Саша Радојевиќ (филмски критичар и автор), проф. д-р Снежана Трстењак (втемелувач на анимацијата во образованието), Владимир Ѓуриќ (мултимедијален автор), проф. д-р Петар Грујичиќ (писател и критичар), Жељко Јовановиќ (уметнички фотограф) и Тихомир Стоиљковиќ (композитор).

Астерфест е меѓународен филмски фестивал кој што започна да се одржува од 2005 година во Струмица. Фестивалот има натпреварувачки карактер. На фестивалот се доделуваат наградите: Златна, Сребрена и Бронзена потковица, Старозлатен проектор, Наградата за најдобар автор „Ацо Алексов“, Наградата за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“, како и други награди за најдобрите филмови. Покрај овие награди, се доделуваат и почесната Награда за високи достигнувања во областа на филмот „Астер“ и други специјални награди. Во официјалната компетиција на фестивалот земаат учество професионални филмски автори и продукции од цел свет, а се прикажуваат кусометражни и долгометражни содржини. Фестивалот се одржува секоја година и е поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм. Уметнички директор на Астерфест е основачот на фестивалот Горан Тренчовски. Астерфест прерасна во значајна филмска манифестација посветена на краткометражниот филм не само во Македонија, туку и во регионот.