Артефакти од Врбјанска чука, Шуплевец и Милци изложени во канадскиот музеј на историја во Отава
Артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци се дел од изложбата „Првите благородници во Европа“ која неодамна се отвори во Канадскиот музеј на историјата во Гатино, Отава. Според националниот координатор на изложбата Гоце Наумов, поставката содржи 700 наоди од Балканот, а целта е да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства.
Оваа изложба е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“ иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји. Во неа како македонски претставници учествуваат Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музеј – Гевгелија, координирани од археологот Наумов.
„Изложбата воедно претставува и првото презентирање на македонското културно наследство во Канада, што секако е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најекслузивните предисториски предмети во Македонија. Имајќи го предвид реномето и високите стандарди на Канадскиот музеј на историјата,
оваа изложба е изведена со извонреден дизајн кој ги вклучува посетителите во автентичниот амбиент на секој од предисториски периоди (неолит, енеолит, бронзено и железно време). Ќе биде отворена до јануари 2025 и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители“, вели Наумов.
Изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“ почна во 2022 во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.