Во Клубот на пратеници во Скопје на 25 мај започнаа Иселеничките поетски средби во организација на Агенцијата за иселеништво.
Првите иселенички поетски средби преку поздравен говор ги отвори директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, а кон учесниците се обратија и директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Христо Петрески.
Како претставник од Србија на поетската средба учествуваше Искра Пенева, а имаше поети и од Австралија, Канада и од повеќе држави од Европа како: Р.Италија, Р.Хрватска, Кралството Шведска и Р.Словенија. Поетите во текот на двата дена имаа можност да се самопромовираат, да ги презентираат своите дела, творби и да се запознаат и вмрежат меѓусебно за понатамошна соработка од областа на културата.
Директорот Близнаковски истакна дека Агенцијата за иселеништво преку повеќе активности се грижи за чувањето на македонскиот јазик во иселеништво и тоа: преку печатење на книги на иселеници, преку промоции на дела, како и преку доделување на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија во рамки на Струшките вечери на поезијата.