ВестиКултураНајави

Изложби на Владимир Темков во Њујорк, Солун, Истанбул, Белград

Јубилејна година за ликовниот уметник

Познатиот македонски ликовен уметник Владимир Темков со ретроспективни изложби, под заеднички наслов „Робустен ликовен лиризам“, годинава обележува значаен јубилеј – 64 години живот и 45 години ликовно творештво. Во текот на оваа календарска година, на многубројните изложби Темков ќе презентира повеќе од 300 свои дела. Една од позначајните изложби за јубилејот секако е изложбата што беше отворена на 22 април во галеријата МЦ во Њујорк, која всушност претставува негово второ самостојно претставување во овој град, по изложбата во 2013 година, која исто така финансиски е поддржана од Министерството за култура на Македонија. Одбележувањето на јубилејот 45 години ликовно творештво Темков го реализира преку проекти што ќе се реализираат во текот на целата година. Првата изложба се реализира во Гевгелија, додека втората се случи на 12 април во неговиот роден град Кавадарци, каде што живее и работи. Станува збор за две изложби во една вечер, и тоа првата беше отворена во домот на културата „Иван Мазов Климе“, неговата матична куќа, каде што до пред неколку месеци активно работеше. Втората изложба се отвори еден час подоцна во Музеј-галеријата во Кавадарци, каде што точно пред 40 години беше отворена неговата прва самостојна изложба. На двете изложби авторот се претстави со околу 100 дела и направи вистински времеплов низ своето обемно и богато ликовно творештво.

По изложбата во Њујорк, за мај е предвидена голема изложба во Скопје, во „Даутпашиниот амам“, каде што ќе бидат презентирани повеќе од 120 негови дела и промоција на монографија. Веќе во јуни одбележувањето на јубилејот продолжува со изложба во Солун, по што ќе следува изложба во Истанбул, а во септември ќе заврши со изложба во Белград. Значајно е да се напомене дека Владимир Темков на сите овие изложби, кои ќе се реализираат на повеќе страни од светот, ќе се претстави со различни дела, што значи во секој музеј или галерија ќе бидат изложени различни уметнички дела.

Во изминативе 40 години од неговата прва самостојна изложба во родното Кавадарци почнуваат да се мултиплицираат над 100 самостојни изложби на Владимир Темков и над 200 групни изложби, како и учество на многубројни ликовни колонии, изложби надвор од Македонија, реализација на повеќе проекти и интервенции од областа на уметноста и учество на голем број конференции и симпозиуми. Значајно е да се спомене улогата на Владимир Темков во градењето на богатата традиција на ликовното живеење во Кавадарци, формирањето и опстојувањето на ликовната колонија „Кавадарци-Михајлово“ и Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци. Автор е на книгата „Драга уметност“, во која напиша: „Можам да кажам дека ниеден ден не престанав да мислам на творењето и да постапувам онака како што ме научија моите професори… Секој ден размислував за уметноста и не пропуштав да направам барем еден осмислен потег со молив или сликарска четка“.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button