Златен медал за Габриела Костадинова на Меѓународен фестивал за ромска поезија во Белград
Пехчевската поетеса Габриела Костадинова освои златен медал на Меѓународниот фестивал на ромска поезија, проза, афоризам и сатира во Белград, кој се одржа во рамки на одбележувањето на 8 Април – Светски ден на Ромите.
-Голема благодарност до Здружението на ромски книжевници, до претседателот Јовановиќ и до жири комисијата за доделената награда. Чест ми е што учествував на овој настан, на кој како претставник од Македонија го добив највисокото одличје, истакна Костадинова по повод добивањето на наградата.
Во рамки на настанот беше промовирана Антологија на ромска поезија во која се застапени три нејзини песни преведени на ромски јазик.
-Да се биде дел од една таква антологија со својата поезија е нешто што само може да се посака. Се надевам дека пораките во песните од оваа антологија ќе си го најдат патот до вљубениците во пишаниот збор, додаде Костадинова.
Пехчевската поетеса е редовен учесник на меѓународни поетски фестивали во државите од поранешна Југославија, на кои има освоено повеќе награди и признанија.