За прв пат во Србија и регионот, во Јабука е одигран ракометен турнир во темница. Причината за ова не е прекинот на струјата, туку иновацијата на организаторите на овој несекојдневен спортски настан, Женскиот ракометен клуб „Јабука“.
На турнирот учествуваа девојчиња родени 2012 година и помлади, а на клубот домаќин на теренот им се придружија и ракометарки од белградскиот клуб „Арена“ и клубот „Железничар“ од Инѓија. Турнирот беше од ревијален карактер, а ракометарките не ја криеја возбудата што на ваков необичен начин ќе ги покажат своите вештини. Тие ни открија дека веќе имале тренинзи во темнина и дека било многу интересно. Брзо се адаптирале на дадените услови и се воодушевени.
-Подготовките за овој спортски настан траеја шест месеци. Требаше се да се организира, од маркирање на теренот, голови, флуоресцентни дресови, до набавка на специјални рефлектори, како и топката, која требаше да биде јасно видлива, вели организаторот Душан Жилевски.
– Пребарувајќи на Интернет наидов на видео кое трае само пет секунди, но кое ми даде идеја да организирам мини ракометен турнир во темница овде во Јабука. Зачетник на оваа идеја е францускиот студент Давид де Волф. Првобитната идеја беше да се игра голем ракомет, но тоа до сега не е реализирано. Скандинавците и Французите почнаа да спроведуваат мини ракомет за помладите категории. Овој тип на игра е многу специфичен, развива одредени моторички вештини кај децата, позитивно влијае на концентрацијата и координацијата – објаснува Жилевски.
Женскиот ракометен клуб „Јабука“ е регистриран како ракометен клуб на македонското национално малцинство и има поддршка од Националниот совет, вели Жилевски.
– Би сакал да ја искористам оваа прилика да му се заблагодарам на Националниот совет на Македонската национална заедница на чело со претседателот Борче Величковски, кој прв дозна за мојата намера и од самиот почеток даде поддршка за реализација на оваа единствена спортска манифестација.
Целта на овој турнир е промоција на ракометот, како и афирмација на девојките во спортот. Организаторите изразија надеж дека во иднина ќе се организираат турнири од ваков тип и дека ќе станат традиционални.