БлогВести
Актуелно

Македонскиот национален совет и неговата улога во афирмацијата на македонскиот народ во Србија

Зошто е битно да се покаже единството на македонскиот народ на претстојните избори за националните совети во Република Србија?

Затоа што националните совети нудат бројни можности за заштита, негување и афирмација на културата, идентитетот, вредностите, посебностите, историјата и вековните карактеристики на националните малцинства кои живеат во Република Србија.

Затоа што само така може да се сочува вековната традиција, историја, идентитет и посебност и на македонскиот народ на овој простор, во српската држава.

Тоа се шанси кои не се пропуштаат, посебно затоа што македонскиот народ единствено во Република Србија ја има ретката прилика да каже кој е, што е и што го сочинува тоа што е посебен.

И можеби не е во духот на демократската традиција тоа што се настапува само со една листа, само со една политичка опција, ама подобро така, заедно и сплотени, отколку поделени и непријателски настроени. Политичката традиција на целиот Балкан е таква, не постои конкуренција, туку непријателства. Па така и кај Македонците, да беа повеќе од една листа, немаше да се обединат околу тоа што ги соединува, туку ќе отворија нови непријателски фронтови, само со една цел – да се искористат политичките бенефиции, кои во националните совети всушност и ги нема. Вака е подобро, барем во актуелните околности.

Оваа година на некој начин се паралелно се одвиваат и изборите за националните совети и пописот во Република Србија. Тоа значи дека македонскиот народ има двострука прилика.

Прво, да ја покаже својата бројност и без никакво двоумење да се изјасни како македонски, затоа што Србија тоа го нуди, тоа го штити и почитува, за разлика од другите соседни земји који се „колнат“ во своите демократски тековини.

Друго, за да покаже дека е истовремено и институционално организиран, за да биде интегрален дел од српското општество, од српските институции, а истовремено, почитувајќи ја земјата во која живее, да ги заштити, промовира и зачува сите посебности што ги има како еден народ, нација со историја, култура, јазик и вредности.

И тоа е тоа. Нема што тука повеќе да се каже.

Почитувани Македонки и Македонци, доста се убедувавме, доста „очите си ги вадевме“ едните против другите. Ајде конечно во нешто да бидеме обединети. Тоа денес го можеме, токму во Србија.

На пописот кажете јасно кој сте и што сте, на изборите земете активно учество, подржете ги своите претставници и продолжите да бидете успешни Македонки и Македонци со дигнати глави во секоја пора на српското општество.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button