ВестиКултура
Актуелно

Македонски музички спектакл во белградскиот Коларац

Белградската публика имаше несекојдневна прилика да присуствува на незаборавен музички спектакл, приреден од двата најпознати македонски музички бренда, гитаристот Влатко Стефановски и националниот фолклорен ансамбл на Македонија „Танец“. Коларчевата задужбина беше исполнета до последно место и се чинеше премала за да може да ги собере емоциите предизвикани од овој врвен спој на единствена музичка изведба. Љубителите на македонската музика уживаа во сплетот на традиционалните македонски нумери во нови инструментални и вокални аранжмани проткаени со џез хармонии и импровизации.

Антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии „Елена, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“ и ,,Зајди зајди јасно сонце“ во нови аранжмани на Дамир Имери врвен македонски инструменталист и автор се дел од овој престижен музички проект, кои заслужено го живеат својот меѓунароен концертен живот.

Освен премиерниот настап на „Есенски музички фестивал“ во Скопје, Стефановски и Танец досега успешно настапувале и на познатиот фестивал Мариборски пост во Словенија, како и на престижните летни сцени во Македонија, во амфитеатарот на урнатините на античкиот град Хераклеја во Битола и во античкиот театар во Охрид. После успешниот настап во Белград, Влатко и Танец патуваат во Загреб, каде што ќе настапат во салата ,,Лисински”.

Во својата речиси петдецениска кариера, Влатко Стефановски неколку пати настапуваше со Танец во Македонија и во странство. Тие соработки секогаш ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, но и за македонската култура во целина. Народните мотиви се секако и незаменлив и доминантен елемент на неговата музика, па оваа соработка со Танец е логичен чекор напред по нивното претходно еднократни заеднички настапи.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button