Вести

Отворени „Денови на македонската култура“ во Ниш

По повод Денот на македонската независност, Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш традиционално ја спроведува манифестацијата „Денови на македонската култура“. Македонската амбасадорка Михаела Веселинов и претседателот на Националниот совет на Македонската национална заедница во Србија Борче Величковски го посетија Ниш и со градоначалничката Драгана Сотировски разговараа за соработка меѓу двете земји.

„Имавме краток, но конструктивен разговор и се договоривме соработката да се продолжи и понатаму. Се согласивме дека соработката на централно ниво меѓу Македонија и Србија е одлична, со многу проекти, така да се тоа рефлектира и на локално ниво. Градот Ниш е збратимен со неколку општини и градови во Македонија. Проектите ќе ги прошириме, интензивираме и развиваме и во иднина. Еден од основните договори ќе биде можноста за поголема соработка и мотивација на стопанските комори во иднина да организираат деловни средби во рамките на бизнис заедницата“, рече македонската амбасадорка, Михаела Веселинов.

Градоначалничката на Ниш го изрази своето задоволство од соработката меѓу двете земји, како на национално така и на локално ниво.

„Знаете колку ни се добри односите со Македонија како држава. Нашите стопански комори многу добро соработуваат. Нашите градски општини Пантелеј и Палилула имаат братски односи со одредени општини во Македонија, што особено не радува. На овој начин ја продлабочуваме соработката, даваме можности за некои нови идеи. Посебно е важно што нè поврзува јужниот крак на Коридорот 10, пругата кон Северна Македонија и што нè поврзува близината на регионалните аеродроми во Ниш и Скопје“, рече Драгана Сотировски и истакна дека ја очекува изградбата на гасовод од Србија до Македонија.

Оваа година ќе биде значајна за припадниците на македонската национална заедница во Ниш бидејќи се одбележува 75-годишнината од населувањето на Македонците во Србија.

„Ние како припадници на македонската национална заедница со векови живееме на територијата на Србија, но од пред 75 години сме поинтензивно населени. Оваа година за нас е јубилејна затоа што славиме 75 години откако се преселивме на територијата, пред се на Војводина, но и на територијата на цела Србија, од Суботица до Врање. Оваа година е многу важна за нас и поради 20 години од нашата институционална организација“, изјави Борче Величковски, претседател на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.

Манифестацијата „Денови на македонската култура“ започна со изложба на признанија на Здружението „Вардар“, во Галеријата на Центарот за култура Ниш.

„Манифестацијата ќе трае до 24 септември. Во Музичкото училиште во Ниш, во четврток, 8 септември, од 19:30 часот, за прв пат најубавите македонски песни ќе ги пее интернационалното дуо „Етно лирика“. Во петок од 19:30 часот во Куклен театар ќе биде изведена двојазична театарска претстава на македонски и српски јазик „Ветер во тапетите“, како и монодрама „Офицер со роза“ од Соња Конеска Жугиќ, на 16 септември во Национална библиотека „Стеван Сремац“. Исто така, ќе биде организирана и вечер на македонски филмови“, најави Благе Петрушевски, претседател на Здружението „Варда“ Ниш.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button