МАКЕДОНСКА СТИХОВНИЦА на радио МАК-ИНФО за Гане Тодоровски
Гане Тодоровски на специфичен начин, на сосема свој јазик ја создава својата поезија. Дел од неа е урбана, современа, каде ја искажува својата загриженост за човековото секојдневие во светот во кој живееме.
Силната љубов кон татковината блика од секоја патриотска песна на Гане Тодоровски. Љубов чиста, искрена, едноставна, љубов кон земјата, кон народот, кон историјата. Неговите песни кога и да се напишани, секогаш се актуелни, секогаш погодени, зашто кај нас иако многу се менува, ништо не е променето.
Со блага иронија и прекор прозвучува песната „Фуснота без повод“ (од стихозбирката „Горчливи голтки непремолк“, 1970) која иако е напишана шеесттите години од минатиот век, таа е сè уште актуелна како да е напишана сега (освен државното уредување – социјалистичко).
Поетот ги прекорува своите сонародници што сите сакаат да станат „граѓани“, што го напуштаат селото, традициите, што се модернизираат за да бидат во „тренд“ и што така забораваат кои се. Луѓето го губат коренот, се губат себеси. Поетот разочарано на крајот ќе повика, свесен што му се случува на народот, свесен каде води политиката: Ој, Македонијо, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме!
Не пропуштете да ја слушнете неговата поезија во МАКЕДОНСКА СТИХОВНИЦА во недела, 10 јули од 12 часот на www.radiomakinfo.rs