Градина обоена со стихови
Поинаков концепт на уметничко дружење под летното небо веќе петта година секоја втора сабота собира поети, сликари и музичари во организација на поетесата Владанка Цветковиќ. Сумирајќи ги резултатите, гостуваа уметници од повеќе земји и од дури два континента: БиХ, Швајцарија, Франција, Полска, Словенија, Хрватска, Македонија, САД, Црна Гора. На секоја средба беа претставени специјални гости, а потоа останатите присутни поети рецитираа свои стихови.
‒ Идејата на „Градина обоена со стихови” беше да направиме нешто мултидисциплинарно. На едно место ги собравме уметниците: писателите, поетите, сликарите, музичарите, имавме дури и тројца актери, оперска пејачка од Чикаго. Ова е петта сезона на заеднички дружења. Концептот на Градината е да покрај сликари и музичари секогаш има тројца главни гости – писатели. А по главната програма сите присути поети даваат свој придонес читајќи ја својата поезија. Имаше и млади кои овде за првпат ги прочитаа стиховите и го совладаа стравот од сцената а подоцна добиваа и награди. На Градината ова ни е особено важно бидејќи ако работиме со млади луѓе тоа само може да биде успех за сите. Се трудиме да вклучиме што повеќе нови луѓе. Направивме и меѓународен натпревар за деца од основни училишта. Најдовме на добар одѕив од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија. Конкурсот беше литературен но децата од основното училиште од Кралево испратија и слика со секое напишано дело. Вечерта кога беше прогласувањето на победниците организиравме и изложба на цртежите. Децата како награди добиваа дипломи и книги. Мислам дека треба да работиме со младите, да ги учиме посебно. Наставниците и професорите не обрнуваат внимание на децата и не ги поттикнуваат пишувањето и креативноста кај нив. Исклучок е основното училиште Никола Тесла од Белград во кое посветено се работи со децата и тие масовно добиваат награди на натпревари. ‒ објаснува поетесата Владанка Цветковиќ.
Во две богато опремени книги секој собир е забележан со фотографии во боја а секој писател е претставен со своите стихови. Во Антологијата I „Градина обоена со стихови” се документирани 2018та и 2019та година како и настапите на поетесите Димковски Мелита од Скопје и Пенева Искра од Белград. Во неодамна промовираната Антологија II „Градина обоена со стихови” се документирани 2020та и 2021та година.
‒ Промоцијата на втората антологија „Градина обоена со стихови” беше на 11 јуни. Првата книга ја овозможи верната ИДЕА а втората општина Чукарица. ‒ вели Цветковиќ.
По циклус од 5 години Градина во која покрај цветовите и птиците што цврцорат пораснаа стихови што ги разнесува ветарот во најава се нови активности што ќе заживеат преку нови проекти.