ВестиМакедонија

Свештеници од МПЦ и СПЦ на заедничка литургија за „помирување“ во Белград

Ден по влегувањето во канонско единство со СПЦ, поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан и српскиот патријарх Порфириј во четврток ќе одржат заедничка литургија во храмот „Свети Сава“ во Белград. На литургијата ќе сослужуваат сите архијереји од двете цркви.

Ова е првиот конкретен чекор откако вчера СПЦ ја врати МПЦ во канонско единство. Но, дилемата која се појави по вчерашното соопштение на српскиот Сабор за враќање на автономниот статус на МПЦ остана и денеска. Втор ден молк од Македонската православна црква. Портпаролот на Синодот на МПЦ Владиката Тимотеј и денеска не креваше телефон, за да објасни дали навистина МПЦ барала да и се врати автономниот статус во рамките на СПЦ, доделен во 1959 година. За Владиката Петар вчерашната одлука за канонско и литургиско единство е најважната работа од вчерашниот Собор на СПЦ, пренесува порталот МКД МК. 

„СПЦ и другите цркви се согласни да сослужуваат со нас. Тоа за нас е битното. Тука завршува сѐ. Оттука сега одиме натаму. Не станува збор тука за статус, автономен, автокефален, тоа што некои така коментираат само прикаски раскажуваат“.

Според соопштението на СПЦ, со ова се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.

„Со воспоставување на единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целиот простор на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија, не само што е можен, туку е и наменски, легитимен и реален“, се вели во соопштението на СПЦ.

Ова е првото соопштение на Српската православна црква, откако на 9 мај Вселенската патријаршија објави дека МПЦ ја признава за канонската црква под името Охридска архиепископија, имајќи ја предвид областа на нејзината јурисдикција во границите на државата Северна Македонија. Одлуката на Вселенската патријаршија не значи дека МПЦ-ОА доби автокефалност.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button