После 17 години, одржана првата седница на меѓувладината мешовита комисија за правата на националните малцинства на Македонија и Србија
Иако Спогодбата помеѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и заштита на српското и црногорското национално малцинство во Република Македонија е потпишана во 2004 и ратификувана во 2005 година, на првиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија се чекаше цели 17 години.
Првата седница одржана е во Министерството за надворешни работи на Република Србија во полн состав. Копретседателите на комисијта Никола Селаковиќ од српската и Гоце Георгиевски од македонската страна оценија дека оваа средба е историска, истакнувајќи дека властите на двете држави се искрено определени да на националните малцинства им овозможат соодветно функционирање вон матичните држави.
Борче Величковски, претседателот на Македонскиот национален совет, во својство на член на Комисијата од страна на Српската делегација, истакна дека македонското национално малцинство во Србија ги остварува сите права кои што законите ги овозможуваат и ја пофали соработката со надлежните институции во Србија.
Претставниците на српската заедница во Макеоднија ги претставија своите модели на организирање, како и предизвиците со кои што се среќаваат и начините за нивно надминување.
На Седницата се разгледа и усвои Правилникот за работа на Комисијата, и се разгледуваа актуелните отворени прашања за остварување на малцинските права во двете држави преку обраќања од страна на претставници на Македонското Национално Малцинство во Република Србија и Српското Национално Малцинство во Република Македонија, а обраќање имаа и членовите на комисиите кои се претставници од надлежните органи.
Седницата заврши со утврдување на динамиката за понатамошната работа на Комисијата.
Спопгодбата помеѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и заштита на српското и црногорското национално малцинство во Република Македонија потпишана е на 6 јули 2004 во Скопје. Во Собранието на Србија и Црна Гора ратификувана е на 29 06 2005 година, со донесување на Закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и заштита на српското и црногорското национално малцинство во Република Македонија, кој стапи на сила на 19 07 2005 година.