Српско-македонскиот актер Марко Ивановиќ примен во Европската филмска академија

Српско-македонскиот актер Марко Ивановиќ е примен во полноправно членство на Европската филмска академија (EFA), една од најпрестижните филмски институции во Европа која ги обединува најзначајните филмски професионалци од континентот. Со ова признание, Ивановиќ станува дел од академијата што ги доделува Европските филмски награди, познати и како „европски Оскари“, и добива право да учествува во изборот на номинираните и добитниците на овие престижни признанија.

Оваа чест претставува уште една потврда за успешниот меѓународен пат на актерот, кој во изминатиот период беше дел од повеќе значајни филмски и телевизиски проекти, како и од меѓународни фестивалски продукции.


По повод приемот во Академијата, Ивановиќ истакна дека за него е особена чест што како актер со српски и македонски корени има можност да ги претставува двете култури на европската филмска сцена.
„Како српско-македонски актер, горд сум што можам да бидам мост меѓу двете средини од кои потекнувам и кои го обликуваа мојот професионален и личен пат“, изјави Ивановиќ.


Приемот на Марко Ивановиќ во Европската филмска академија претставува значајно признание не само за неговата кариера, туку и за видливоста на македонските уметници и културни вредности во европските културни текови.
Според најавите на Европската филмска академија, свеченото доделување на Европските филмски награди ќе се одржи во Атина, Грција, на 16 јануари 2027 година.
Од Скопје до Европската филмска академија: Успешниот пат на актерот Марко Ивановиќ
Марко Ивановиќ е роден во Скопје на 30 август 1990 година. Уште како тинејџер ја открива својата љубов кон сценската уметност и ги прави првите актерски чекори во Драмското студио „Сцена“ во Шабац, град во кој денес работи и живее со своето семејство.
Својата професионална кариера ја започнува во Шабачкиот театар, каде настапува во повеќе претстави и соработува со еминентни режисери од регионот. Паралелно со театарската работа, ги остварува и своите први телевизиски улоги, по што следуваат бројни ангажмани во филмската и телевизиската продукција.
Дипломирал глума на Академијата за уметности при Слободомир П Универзитетот во Бијељина, во класата на професорот Дејан Цицмиловиќ, а дипломската претстава му била монодрамата „Дневникот на еден лудак“ од Николај Гогољ.
Публиката го препознава по улогите во популарните серии и филмови „Клан“, „Државен службеник“, „Ургентен центар“, „Авионџии“, „Друг Марко“, како и во филмовите „Олуја“ и „Недела“.
Во 2025 година беше избран од Меѓународната асоцијација на кастинг директори (ICDA) и Filmmakers Europe за учество во програмата „One Minute Monologue – Create to Connect“ во рамките на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун, што претставува значајно меѓународно признание за неговата работа.
Неговиот професионален пат продолжува и на меѓународната сцена. Во моментов работи на нов интернационален филмски проект, чија премиера се очекува во текот на 2026 година.
За македонската заедница во Србија, неговиот успех претставува особена гордост и уште една потврда дека македонските корени и култура имаат свои достојни претставници на европската културна сцена.



