
Во Студентски културен центар Нови Сад свечено беше отворена изложбата на фотографии „Осончена тишина“ на авторката Александра Костадиновска, која пред присутната публика претстави интимна и впечатлива визуелна приказна.

Изложбата ја отворија претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров, како и кустосот и уредник на изложбата Јасминка Намичева. На настанот се обратија и ликовната уредничка на СКЦ, Даница Биќаниќ, како и Александар Белиќ, додека своето видување за делото го сподели и самата авторка.


Настанот претставува уште еден значаен пример за успешната соработка помеѓу Македонскиот национален совет и Македонскиот културно-информативен центар во Белград, насочена кон афирмација и промоција на македонската култура и современа уметност во Република Србија.


Изложбата „Осончена тишина“ преку внимателно избрани фотографии отвора простор за лично доживување на светлината, тишината и емоцијата, создавајќи силен визуелен впечаток кај посетителите. Поставката ќе биде достапна за јавноста до 27 март.




