ВестиКултура

Стихозбирката ,,Невино време”на Иван Иванов промовирана во Белград

Во рамките на традиционалната манифестација “Денови на македонската култура во Белград – Допир на Македонија”, во Конакот на Кнегиња Љубица, на 25 мај се одржа промоција на збирката песни “Невино време” на младиот македонски автор Иван Иванов.

Покрај поетот Иванов кој го претстави своето дело, за книгата говореше и книжевникот Душко Новаковиќ, додека промоцијата дополнително ја збогатија актерите Влатко Толески и Зоран Митровиќ, рецитирајќи делови од збирката.

Поетот Душко Новаковиќ истакна дека е мошне изненаден од младоста на авторот, бидејќи при читањето на книгата стекнал впечаток дека се работи за постар човек, од околу 80 години, кој животот го провел во странство и сега на крајот од животот се враќа во својата татковина, тука да умре.

  • Песните се проткаени со патриотски конец, со многу емоции и лични доживувања на авторот, кој пишува толку зрело, силно, со многу емоции поврзани со детството, семејните корени, поранешните  љубови… Сепак љубовта кон татковината некако надвладува, но и еден гнев кон одредените настани и процеси кои што се случуваа во Македонија во последните неколку години.
  • Често кога работите не се остваруваат онака како што сме замислиле знаеме да го обвиниме времето и да фрламе со прокуди кон него. Но времето не ни е виновно за ништо. Ние сме. Ние сме оние кои располагајќи со времето кое ни е дадено од Бога да создаваме свет кој треба да биде барем малку поарен од оној вчера, некако застрануваме од патот.- истакна Иванов.
  • Јас оплакувам една недолжна жртва, една мајка на секој од нас. Современици сме на едно време во кое постојат повторни обиди да ни се ампутира духот. Време во кое некој посакува да бидеме само неми сведоци на убивање на сопствениот идентитет и да аплаудираме кога се создава вештачки и присилно една нова “нација” и една нова „држава” која нема легитимитет од граѓаните. Сведочиме бедни обиди за убиство на достоинството на македонскиот народ. А Павел Шатев велеше дека македонското прашање е прашање на човечко достоинство. Жалам што забораваме на тоа. Оти кога ќе ти го одземат достоинството тогаш и името ќе ти го продадат за ситни пари. Тогаш сè што поседуваш е на продажба. Не можејќи да се помирам со реалноста која некој ни ја наметнуваше, и одбивајќи да ја прифатам иднината која ни се токмеше, и за која ни се наложуваше дека за да ја „заслужиме” треба да се одречеме од минатото, преку поетскиот збор си ја отворив душата. Создадов еден вид личен манифест и молба до сопствениот народ да не дозволиме да исчезнеме. Да започнеме да се гордееме со себе и да го вратиме достоинството на сопственото битисување. Да покажеме дека овде живее народ кој не бара ништо повеќе, ниту пак помалку од другите.
  • Мислам и чувствувам дека робуваме на стравот. Менталното ропство е идентично, ако не и пострашно од физичкото. А кога сме уплашени стравуваме да не ни се ускратат правата. Сите бараме права а никој повеќе не зборува за обврски. Обврски кои ни се наложени од неродените да не им го одземаме правото да бидат Македонци. Имаме обврска да им говориме на идните поколенија за работи кои денес некој се обидува да ги отстрани од нашата колективна свест. Да им се говори за Александар, за Самоил, за Гоце, за Рацин, за Ченто… Не верувам повеќе во формалното конвенционално образование, поточно во неговите институционални челници, бидејќи работат токму на маглење на ликот и делото на нашите дејци, оти со нив и се пазарат, за да се додворат некому. Секоја чест на учителите кои пркосат. Кои немаат страв да се спротистават на духовната тиранија.

Иван Иванов е универзитетски професор, млад македонски поет и музичар. Тој е син единец на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов, а студираше на Правниот факултет на државниот универзитет, отсек политички науки.

На промоцијата присуствуваше и проф. д-р Ѓорге Иванов, како и претседателот на македонскиот национален совет Борче Величковски кој ги поздрави присутните на почетокот на промоцијата.

На крајот од промоцијата претседателката на здруежението Македониум Зорица Митровиќ на Иван Иванов, Душко Новаковиќ и Ѓорге Иванов им врачи книги – монографии на здружението Македониум, додека авторот Иванов на сите присутни им врачи по еден примерок од својата книга со посвета.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button