БлогВести

Среќни новогодишни празници Македонки и Македонци

Полека, но сигурно влеговме во 2023 година. Година во која се очекуваат многу предизвици, но и големи очекувања. Светот повторно се наоѓа на своеврсна прекретница. Војната во Украјина, започната уште во февруари 2022 година веројатно и во 2023 година ќе ја одредува динамиката во меѓународните односи, но и во внатрешните прашања на суверените држави. Во сето тоа посредно е вклучен и Западниот Балкан, кој инаку е исполнет со бројни и многу деценијски спорења и предизвици. Недовербата помеѓу државите и понатаму е главна игра во градот, додека пак злоупотребата на одредени политички прашања и понатаму носечки механизам за локалните политичари во својот политички маркетинг.

Македонската држава не е исклучена ниту во едниот, ниту во другиот случај. Како членка на НАТО јасно и брзо се позиционираше на ставот на евроатлантските сојузници, истовремено осудувајќи ги руските воени операции во Украина, но и воведувајќи бројни економски санкции против Руската федерација, така прилагодувајќи се кон надворешната и безбедносната политика кон Европската унија, иако, реално, и македонската држава, но и целиот Западен Балкан, далеку се од посакуваното полноправно членство во истата. Во новата година можеби не се очекуваат тектонски промени, во смисла дали современата цивилизација ќе биде сведок на уште една војна во светски размери, ама секако може да се очекуваат економски тектонски промени кои несомнено ќе бараат од суверените држави да креираат стратегии како да обезбедат одржљивост за својата економија, за својот трговински сектор, за своите граѓани. Тоа е можеби главната задача на македонските власти, кои пропуштија да ја решат во 2022 година. Затоа што македонската економија и понатаму е исклучиво зависна од извозот. Затоа што македонската економија и понатаму е енормно ранлива на надворешните фактори на кои не може директно да влијае, баш затоа што е толку мала и толку слаба.

И додека во 2022 година европските народи организираа масовни протести, македонски граѓани тивко ја следеа владината политика, но и препукувањата на власта и опозицијата. Никој досега отворено во македонската држава не се спротивстави на инфлацијата, на наглите поскапувања на трошковите за живот, на се поголемата диспропорција помеѓу растот на цените и растот на платите и пензиите. Ама тоа не е ништо невообичаено за македонскиот народ. Тој секогаш ги следел сите историски прекретници таму некада на маргините, додека пак политичарите без ниту еден проблем си играле со судбината и на својот народ и на својата држава.

Но можеби токму новата 2023 година треба да биде година на будење. Година во која народот конечно ќе ги испорача своите барања кон властите, кон опозицијата, кон сите политичари кои веќе триесетина години си играат со судбината на секој македонски граѓанин. Можеби 2023 година треба да биде година во која и Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите и Ромите ќе им порачаат на политичарите дека се заситени од нивните игри, дека делат заедничка судбина без разлика на нивната етничка и верска различитост и дека се спремни да застанат раме до раме со европските народи за борба кон подобро утре. Затоа што европската иднина на македонската држава, но и на целиот Западен Балкан не ја чинат политичарите, ниту нивните стратешки и декларативни определба за членство во Европската унија, туку народот и граѓаните.
Затоа што граѓаните и народот се носители на европските вредности, затоа што народот и граѓаните се носители на слободата, суверенитетот и својата судбина која или ќе ја направат светла или ќе останат некада на маргините на светската историја, дури и во 2023 година.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button