Претставници на Македонскиот национален совет од Србија присуствуваа на откривањето на споменикот во Мала Преспа

На свеченото откривање на споменикот посветен на македонските херои од Туминец, Преспа и Мала Преспа во Албанија, присуствуваа и членовите на Македонскиот национален совет во Република Србија, Ивана Цветковиќ и Благоја Илијевски.


Споменикот е поставен во чест на македонските херои и борци од овој крај, како траен симбол на нивната жртва, истрајност и придонес во зачувувањето на македонскиот национален идентитет, јазик и културно наследство. Со неговото поставување се оддава заслужена почит на генерациите кои оставиле длабока трага во историјата на Македонците во овој регион.
На свеченоста присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, како и бројни претставници на институции, организации и македонски заедници од регионот.
Настанот помина во духот на заедништво, почит кон претците и негување на историската меморија, испраќајќи силна порака за важноста од зачувувањето на националниот идентитет и поврзаноста на Македонците, без оглед на државите во кои живеат.

Присуството на претставниците на Македонскиот национален совет од Србија претставува уште една потврда за добрата соработка и поврзаност меѓу македонските заедници во регионот, како и заедничката заложба за зачувување на културното и историското наследство на македонскиот народ.



