ВестиИнформирањеКултура
Актуелно

Македонската заедница во Србија гостин во емисијата „Додати живот годинама“ на РТВ Војводина

Претставници на Македонскиот национален совет и македонската заедница во Србија учествуваа на снимањето на емисијата „Додати живот годинама“, која се емитува секоја недела на првиот програм на Радио-телевизија Војводина.

Во емисијата учествуваа претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ, директорот на Македонскиот информативно-издавачки центар Озрен Симјановски, уредникот на редакцијата на македонски јазик при РТВ Златко Јанкуловски, претставничката на Културно-уметничкото друштво „Васил Хаџиманов“ Меланија Лужајиќ, раководителката на ансамблот „Тоше Проески“ Љиљана Најдовска, директорот на Основното училиште „Јован Јовановиќ Змај“ од Хајдучица Бошко Маленовиќ, како и Марија Маленовиќ, која ја води онлајн платформата и подкастот за изучување на македонскиот јазик.

Во текот на разговорот беа претставени активностите на Македонскиот национален совет во областа на образованието, културата и информирањето, како и напорите за зачувување на македонскиот јазик, традиција и идентитет во Република Србија. Посебно внимание беше посветено на претстојното одбележување на значајниот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина.

Музичкиот дел од емисијата беше збогатен со настапите на ансамблот „Тоше Проески“ и најмладите членови на КУД „Васил Хаџиманов“, кои преку песна, игра и народна носија ја претставија богатата македонска културна традиција.

Свој придонес во промоцијата на македонското културно наследство дадоа и Драгица Камчевска и Снежана Бајиќ од Нови Сад, кои подготвија едно од најпрепознатливите јадења на македонската кујна – гравче на тавче, претставувајќи дел од гастрономското богатство на Македонија.

Учеството во оваа емисија беше уште една можност пошироката јавност да се запознае со богатството на македонската култура, традиција и јазик, како и со активностите што македонската заедница ги реализира во Србија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button