ВестиКултура

Овации за претставата на Драмскиот театар од Скопје пред белградската публика

Во преполната сала на Белградскиот драмски театар, во рамките на фестивалот РУТА Триглав, Драмскиот театар од Скопје ја изведе претставата „Се викам Горан Стефановски“. Ова не е прва изведба на претставата во Србија, имено, театарот годинава гостуваше на фестивали во Нови Сад, Ниш и Крагуевац, каде што освои значајни театарски награди. Текстовите на Горан Стефановски како хроника на едно време се актуелни и се изведуваат во повеќе театри на задоволство на неговата читателска и театарска публика, вели режисерот Бранислав Миќуновиќ.

– Драго ми е што претставата беше толку добро прифатена вечерва на фестивалот. По поканата на Белградскиот драмски театар, многу брзо решив дека тоа ќе биде една од претставите на Горан Стефановски. Меѓутоа, кога се „нурнав“ во неговата прекрасна, огромна литература, сфатив дека можам да направам некои резови. Тоа е таа патриотска приказна, потрагата по домот и некако таа тема лично ме допира, бидејќи со Горан бевме долги години пријатели. Оваа претстава не е само за времето, не само за неговата литература, туку е и моја почит на мојот пријател, Горан Стефановски, кој повеќе не е меѓу нас – вели Миќуновиќ.

Инсерт од претставата


Претставата „Се викам Горан Стефановски“ е авторска адаптација по избор на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски создадени во периодот од 1987 до 2021 година. Горан Стефановски е големо име, икона кај нас во Македонија, но и пошироко, на Балканот, па и во Европа. Беше вистинска чест и привилегија да се игра во оваа претстава, вели актерот Мето Јовановски.

– Публиката беше прекрасна вечерва, што е најважно за нас актерите. Горан Стефановски сам по себе е икона за Драмскиот театар. Играв во многу негови претстави. Беше многу добар човек и пријател, но во својата креативност како вулкан. Обработи многу теми, локални и европски. Драматургијата во оваа претстава е специфична, бидејќи се земени различни парчиња, но секое е моќно само по себе. Овој тип на драматизација и оваа актерска екипа создадоа нешто што се нарекува театар – истакна Мето Јовановски.

Мето Јовановски

Во претставата играат: Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Мето Јовановски, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, и Саша Димитриевска.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button