Пирот со јасна поддршка: Стратегијата во служба на заедницата

Во рамките на активностите поврзани со јавната презентација на Стратегијата на Македонскиот национален совет за периодот 2026–2031 година, во Пирот беше реализирана средба со претседателката на Собранието на градот, Драгана Тончиќ.


На средбата се разговараше за положбата на македонската заедница во Пирот, како и за можностите за унапредување на соработката со локалната самоуправа. Посебен акцент беше ставен на поддршката на активности во областа на културата, образованието и информирањето, како клучни сегменти за зачувување и афирмација на националниот идентитет.
Делегацијата на Македонскиот национален совет беше во состав: претседателката Зорица Митровиќ, секретарот Марјан Јовановски, директорот на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ Озрен Симјановски, како и претседателот на здружението „Бели мугри“ од Пирот, Борислав Алексoвски. На средбата присуствуваше и амбасадорот Никола Тупанчески.

Средбата помина во конструктивна атмосфера и претставува значаен чекор кон понатамошно јакнење на институционалната соработка и поддршка на македонската заедница во Пирот.


Во рамките на посетата, беше реализирана и средба со припадниците на македонската заедница, која се одржа во Народната библиотека во Пирот. Присутните имаа можност да се запознаат со клучните цели, мерки и насоки предвидени со Стратегијата, додека дискусијата што следеше беше отворена, добро посетена и конструктивна, со активна вклученост на заедницата.


Активностите во Пирот ја потврдуваат определбата на Македонскиот национален совет за непосредна комуникација со граѓаните и градење политики заедно со заедницата, со цел поефикасно остварување на стратешките приоритети и одржлив развој на македонскиот јазик, култура и идентитет во Република Србија.





