
Во организација на Македонскиот културно-информативен центар од Белград, а со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, на 6. и 7. Јули беа одржани два концерта на новоформираното Трио „НОВА“, составено од меѓународно афирмираните македонски уметници – бас-баритонот Иван Наумовскси, пијанистот Јордан Петрушевски и обоистот и изведувач на англиски рог Ѓорѓи Петрушевски.
Концертите, насловени како „Медитеранска ноќ“, најнапред се одржаа во галерискиот простор „Артгет“ при Културниот центар во Белград, а потоа и во Културниот центар на Град Нови Сад.
Пред бројната публика, која покажа голем интерес за овој музички настан, Трио „НОВА“ приреди внимателно осмислено музичко патување низ медитеранската и светската музичка традиција. На програмата беа делата од Клод Дебиси, Астор Пјацола, Франческо Паоло Тости, Едвард Елгар, Нино Рота, енио Мориконе, Едуардо ди Капуа, Консуело Веласкес, Агустин Лара, Алфонс Вајндорф, Карл Милекер и Франц Лехар.
Посебно внимание и силни емоции кај публиката предизвика блокот со обработки на познати македонски народни песни – „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Кажи, кажи либе Стано“, „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“, кои беа поздравени со бурни аплаузи.

Преполните концертни сали, долгите овации и неколкуте бисови на двата концерта, уште еднаш ја потврдија високата уметничка вредност на Триото „НОВА“ и нивната успешна мисија како достојни промотери на македонската музичка култура, надвор од татковината.
На концертите присуствуваа бројни истакнати музички уметници од белградската оперска сцена, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Србија, госпоѓа Невена Јовановиќ, како и претставници на македонската заедница од Белград и Нови Сад.

Пред белградската и новосадската публика, уметниците ги представи Директорот на Македонскиот културно-информативен центар од Белград, господин Васко Шутаров, кој по концертите истакна:
„Гостувањето на Трио „НОВА“ во Белград и Нови Сад уште еднаш потврди колку е важно внимателно да се изберат времето, просторот и партнерите за соработка. И во летниот период, кога градовите вообичаено се полупразни, успеавме да ги исполниме салите, да привлечеме нова публика и да ја претставиме македонската култура на начин што навистина го заслужува. Посебна благодарност упатуваме до белградската и новосадската публика, до Културниот центар Белград, Културниот центар на Град Нови Сад, Националниот совет на Македонците во Република Србија, како и до стручната музичка јавност и истакнатите српски музички уметници кои со своето присуство им дадоа дополнително значење на овие концерти.“

Концертите имаа дополнително значење и како почеток на институционална соработка меѓу Македонскиот културно-информативен центар од Белград и Културниот центар на Град Нови Сад. Соработката беше реализирана во партнерство со Националниот совет на Македонците во Република Србија и со организациите на Македонците во Војводина, отворајќи нови можности за идни заеднички културни проекти и промоција на македонската уметност во Република Србија.



