
КАЧАРЕВО, 27 јуни – Во дворот на Здружението на Македонците „Вардар“ во Качарево, по дваесетти пат се одржа манифестацијата „Зелник фест“, која собра членови на здружението, гости од повеќе градови и љубители на традиционалната македонска кујна. Преку подготовка на автентичен македонски зелник, дружење и размена на искуства, учесниците уште еднаш ја потврдија својата заложба за зачувување на македонската гастрономска традиција, културното наследство и пренесувањето на старите рецепти на помладите генерации.

Мирисот на свежо развлечени кори, печено тесто и домашни филови се мешаше со смеата, песната и разговорите, создавајќи атмосфера што уште еднаш покажа дека зелникот не е само традиционално јадење, туку симбол на семејството, заедништвото и македонскиот идентитет.

На годинешниов „Зелник фест“ учествуваа и членките на Здружението „Илинден“ од Јабука, Здружението „Македониум“ од Белград, како и Активот на жени од Качарево.

Претседателот на Здружението на Македонците „Вардар“, Сима Најдовски, не го криеше задоволството од големиот интерес и одличната атмосфера.
За Новица Дукадиновски, долгогодишен член на Здружението „Вардар“ и на Националниот совет на македонското национално малцинство, оваа манифестација има многу подлабоко значење од обичен гастрономски настан.


Претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство, Зорица Митровиќ, нагласи дека најголемата вредност на оваа манифестација е пренесувањето на знаењето на младите генерации.


Меѓу гостите беше и Зоран Пешевски, сопственик на „Панчевац“, кому домаќините му врачија благодарница како признание за долгогодишната соработка и поддршката во медиумската промоција на активностите на здружението.



