Знаменити Македонци во СрбијаМакедонски ликовни уметници во Белград

Лазар Личеноски

Современата ликовна уметност во Македонија е тесно поврзана со ликот и делото на Лазар Личеноски. Тој е еден од основоположниците на  ликовниот живот во Македонија, уметник кој оставил посебен белег во сликарството. Неговите пејзажи збогатени со фолклорни елементи, мртвата природа, мозаиците и портретите се вбројуваат меѓу најубавите дела кои произлегле од раката на македонските уметници.

Мотив од Македонија
Мотив од Охрид

Лазар Личеноски, роден во Галичник, на 26 март 1901 (починал во Скопје, на 10 април 1964), е македонски експресионистички сликар и еден од најавтентичните сликари на македонскиот предел, во кои внесувал и фолклорни елементи. Сликал и мртва природа, портрети и мозаици. За сликарството на Личеноски е специфичен македонски амбиент (на пример, афионски полиња), а неговата преокупација во сликите бил човекот во моментот на некоја работна активност, на пример, претстави на рибари, бачила, дрвосечачи. Сликаше мртва природа и портрети, а создаваше и мозаици.

Уметничка школа со академски курс завршил во Белград, во 1927 година. Специјализирал ѕидни техники во Париз во ателјето на Марсел Линоар и кај Пол Бодуен на Високата школа за уметности и занаети (École nationale supérieure d’arts et métiers), ги посетувал ателјето на Андре Лот и академијата „Гран Шомје“ (Académie de la Grande Chaumière) од 1927 до 1929 г. Неговото прво ателје се наоѓало во Белград и таму Личеноски работел од 1921 до 1927 година.

Првата самостојна изложба во Белград во Уметничкиот павилјон ,,Цвијета Зузориќ” ја имал во септември 1930 година. Изложбата во малата сала на павилјонот ја овозможиле покровителите од ,,Здружението на Јужносрбијанците” во Белград.

Женски акт
Портрет

Живеел во Белград од 1921 до 1945 година, а потоа во Скопје. Бил член на предвоената белградска група „Облик“. Самостојно изложувал пред и по војната во Скопје, Белград, Загреб, а учествувал (од 1927) на групни изложби во Скопје, Париз, Белград, Лондон, Ливерпул, Манчестер, Солун, Прага, Софија, Рим, Букурешт, Братфорд, Канада, Тунис и други места.

Мртва природа
Композиција

Бил професор и директор на училиштето за применета уметност во Скопје и дописен член на САНУ, во Оделението за ликовна и музичка уметност од 5. 12. 1963. Добитник е на Октомвриската награда за сликарство во 1959 година.

Во февруари 2015 година, куќата на Личеноски, која се наоѓа во подножјето на Скопското кале, станала државна сопственост. Притоа, било предвидено куќата да биде претворена во Музеј на Личеноски, раководен од Националната галерија на Македонија. Меѓу позначајните дела на Личеноски се вбројуваат: „Бачила“, „Долап“, „Афионски полиња“, „Охридски рибари“ и многу други.

(,,Долап” Личеноски – Политика, 6. јануар 1932. године)
Време, 2 дец. 1936

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button