БлогВести

Европската унија веројатно пак ќе потфрли, а Македонците и понатаму во редот

Минатите две недели имавме прилика да слушнеме една особено позитивна вест, за македонскиот народ и македонската држава и една сосема негативна, но добро позната вест, а тоа е дека повторно некој од соседите ќе ја блокира македонската држава на нејзиниот европски пат – нешто што е својствено за македонската надворешна политика не само денес, или во последните неколку години, туку од стекнувањето на независноста.

Убавата вест е дека Македонската православна црква – Охридската ариепископија доби благослов од Српската православна црква за автокефалност. Нешто на што македонските црквени великодостојници и верници чекаа полни 55 године, во маглата на расколот, во изопштеноста од православниот цвет, во невидливото решение – кое сепак дојде. И така паднаа во вода сите постоечки спорења помеѓу македонскиот и српскиот народ, додека пак МПЦ и СПЦ, како и македонската и српската држава им ја прочитаа лекцијата не само на своите соседи, туку и на сите оние кои се веќе дел од европското големо семејство, полно со критериуми и вредности, ама се подалеку од реалноста.

Две работи кои се клучни паднаа во вода: прво, тезата дека Србија води империјалистичка политика, насочена кон соседните држави, користејќи ја СПЦ како инструмент во своите намери, а друго тезата дека македонската држава има спорења со секој сосед и дека всушност станува збор за единственото „лошо момче“ во улицата, во овој случај на Балканот.

СПЦ и Србија овој пат ги демантираа подгоричките и приштински тврдења за таканаречениот српски свет и за инструментализираната улога на СПЦ во тој смер, додека пак после потпишувањата на Договорите со Грција и со Бугарија (кој претставува се освен интерес на македонскиот народ и држава, а со цел да се одоброволи Софија) и овој последниот, решавањето на спорот помеѓу МПЦ и СПЦ, македонската држава ги демантираше сите до еден бугарски политичар – кои не испуштаа ниту една прилика да кажат како Скопје нема спор само со Софија, туку и со Атина, и со Белград и со кој уште не.

И така во екот на Украинската војна, кога светот повторно влегува во своеврсна блоковска фаза, на војни и политички сојузници, српската и македонската држава испратија една порака – порака во која само мирот, соработката и разбирањето имаат место.

Од другата страна, иако сега без ниту еден аргумент дека не е осамена во спорењата со Скопје, Софија по се изгледа повторно одлучи да го блокира македонскиот пат кон Европската унија. Новиот премиер на бугарската држава, иако наговестуваше нешто друго во однос на политиката кон македонската држава, сепак се одлучи да го препушти спорот со македонската држава на бугарското собрание – истовремено бидејќи потполно свесен дека бугарските пратеници денес ќе направат се, освен да и дадат на македонската држава зелено светло кон Европската унија.

Ама се чини дека никому тоа не му е гајле, ниту за македонската држава, ниту за интеграцијата на Западниот Балкан. Затоа што, да се некој грижеше – сигурно немаше моќната Софија да може да го прави сето ова, држејќи ја не само македонската држава, туку и воопшто целиот регион на ивицата на амбисот.

Работите се јасни, полноправното членство е се подалеку, додека пак реалното разбирање на геополитичките прилики во Европа и регионот една голема конфузија и за бриселската администрација и за самопрогласените европски лидери.

Затоа што да некој во баш таа Европска унија имаше разбирање за ситуацијата со која денес се соочува светот и за потенцијалната прилика која стои пред вратите на Брисел, но и опасност, немаше да гледаат со скрстени раце на софиските блокади, немаше да гледаат со скрстени раце на неуморните руски амбиции за присуство во регионот на Западен Балкан – туку одамна ќе си ги „засукаа“ ракавите и на сите ќе им покажаа – ЕУ е голема сила, ЕУ има визија, во ЕУ не одлучуваат бугарските политичари – туку вредностите и посветеноста – ама од сето ова засега ништо.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button