КултураОбразование

Денес е денот на македонската азбука

На денешен ден, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10-тиот век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Така, од X па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-мкедонско писмо, илинденска азбука.

Документ на АСНОМ со кој се воведува македонската азбука како официјална азбука на територијата на Република Македонија

Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.
Инаку, со Решение на АСНОМ од втори август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Р Е Ш Е Н И Е

на Антифашиското собрание на народното ослободуене на Македонија за заведуене на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава
2 август 1944 г.
Член 1
Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик.
Член 2
Ова решение влегуе веднага во сила. Во манастирот “Св.отец Прохор Пчински“, на ИЛИНДЕН 2 август 1944 год(ина). За Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија.

Македонска азбука — официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус територијата на Република Македонија. Се заснова на кирилицата со одредени измени приспособени на македонскиот гласовен систем. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови. Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графовите за буквите љ, њ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков Мисирков, но со графички симболи л’ и н’.

Крсте Петков Мисирков
Блаже Конески

Важно е да се напомне дека од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени само графовите за буквите, но не и гласовите кои на овие графови им соодветствуваат во истата азбука.

Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици со околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, САД, Канада, Австралија и други земји. Македонскиот јазик станал официјален јазик на Социјалистичка Република Македонија во 1944.

Од крајот на XVI век говорниот македонски јазик почнал да се јавува во пишана форма, иако неговата современа стандардна верзија е утврдена дури во 1945. Низ историјата македонскиот јазик се запишувал со следните писма:

  • Глаголица – ранохристијанска азбука,
  • Кирилица – или позната како старомакедонска азбука или црковномакедонска азбука,
  • Илинденска азбука – кирилична поупоростена верзија,
  • Македонска преродбеничка азбука – кирилична упоростена верзија,
  • Македонска абецедарска азбука – латинична македонска азбука.

Македонскиот јазик содржи ред посебни фонеми (споредено со соседите); затоа, се јавува потреба од посебни македонски букви. Историски гледано, овие букви потекнуваат од 19-тиот век. Во своето дело За македонцките работи, македонистот Крсте Петков Мисирков користи комбинации од г’ и к’ за да ги претстави фонемите /ѓ/ и /ќ/. Покрај тоа, буквата i тогаш се користела каде што денес се користи ј.

Буквите љ, њ и џ гледани по облик се од српско потекло, но нивните предци се јасно илустрирани воМисирковата книга како л’ и н’, а во порани текстови како ль и нь (како во делата на Марко Цепенков), кои очигледно служеле како инспирација за современите адаптации. Изненадувачки, сè до крајот на Втората Светска војна, овие букви спарени со меки знаци се користеле наместо денес утврдените облици. Постојат индикации дека денешниот изговор на гласот љ како лј, всушност е наметнат од северните македонски дијалекти, додека оригиналниот изговор на гласот е мекото л, односно ль, како во централно-западните дијалекти. Така во Мијачијата и други краеви сѐ уште се пишува и се изговара Лубе наместо Љубе.

Денес, буквата ѕ е единствена на македонскиот јазик, но мора да се спомене дека истата е многу постара, бидејќи постоела востарословенското писмо.

Акцентираните букви „è“ и „ѝ“ не се сметаат за посебни букви, ниту за вистински акцентирани букви (како во францускиот, на пример), туку тие се стандардните букви „е“, „и“ кои се одбележуваат со надреден знак во зборови кои имаат хомографи, за нивно разликување.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button