БлогВести

Референдумот на ВМРО-ДПМНЕ – безидејноста на една политичка елита

Во македонската држава најголемата опозициска партија на широко се спрема за одржување на референдум на кој македонскиот народ, македонските граѓани ќе имаат прилика да одлучат дали да се поништи или да остане во сила договорот кој помеѓу Скопје и Софија беше потпишан на 1. август 2017 година, само неколку месеци после доаѓањето на власт на поранешниот премијер Зоран Заев. Договорот во меѓувреме беше ратификуван во македонското Собрание. Комисијата за историски прашања дури успеа да постигне некакви компромиси, не одлучувајќи дали се историските јунаци Македонци или Бугари, туку со некакви решенија за заеднички чествувања на раѓањето на тие јунаци или за одбележување на датумите на нивната смрт.

Како и да е, не е битна ниту работата на мешовитата историска комисија, ниту пак тоа кога договорот бил потпишан и дали истиот ќе биде поништен или не, туку безидејноста на македонската опозиција, која е веќе пет години во опозициските редови, со една изборна победа на локални избори. Ама локалните избори се сосема нешто друго во однос на државната политика, онаа суштинската, онаа со која се определува стратешката определба на државата, а така и на народот и на државата им се обезбедува сигурност, но и одржливост.

Во овој случај македонската опозиција се занимава со прашањето на бугарскиот договор. Зошто? Затоа што Софија го условува македонскиот пат кон ЕУ со внесување на Бугарите како дел од малцинствата во Уставот. Па зарем тоа не треба да претставува задоволство на македонските политичари? Зарем тоа формално и не значи дека Софија конечно го признала постоењето на македонскиот народ, како посебен од бугарскиот, штом бара Бугарите да бидат внесени во еден устав во кој државотворен народ е баш македонскиот? Зарем со една таква одлука во македонското Собрание не се зацврстува дополнително македонскиот идентитет, народност, посебност, барем по логиката на нештата? Затоа што како утре Бугарите ќе кажат дека тие и Македонците се еден ист народ, дека Македонците се неосвестени Бугари, доколку веќе барале и прифатиле да бидат дел од еден устав во кој е впишан македонскиот народ.

Ама тоа е прашање за македонската опозиција, која не е ништо поразлична од актуелната власт. Само што опозицијата не смее да ја има таа комфорна позиција. Затоа што додека најголемите опозициски партии ширум Европа организираат протести со стотина илјади учесници на истите заради лошите услови на живот, преголемата инфлација и енергетската криза, македонските опозиционери се занимаваат со прашања со кои демек ќе го зачуваат македонскиот идентитет. Само да ги потсетиме, идентитетот не се чува со чукање во градите, туку со успешна економска политика.

Ако се сметате за државотворна партија, тогаш почнете еднаш и така да се однесувате. Па наместо да се занимавате со историјата, со она што треба да се занимаваат историчарите, ред е да почнете да се занимавате со програма која може да донесе подобро утре на македонските граѓани. Програма ви е потребна. Стратегија, воо која фокусот се финансиите, економијата, инвестициите, инфраструктурата, новите работни места, задржување на младите. Се друго ви е потрошена приказна.

Ако веќе на сите им е преку глава од актуелната власт, тогаш понудете нешто ново на македонскиот граѓанин, на оној кој се чуствува како Македонец, но и оној кој се чуствува како Албанец, Србин, Бугарин, Турчин, Влав, Ром… Никој и никогаш нема да ја зачува македонската држава и македонскиот идентитет ако така продолжите. И вие тоа добро го знаете. Само малку размислите како да се „излечите“ од својата безидејност.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button