Промовиран Речникот на македонските глаголи – прва академска граматика во Србија
Во Архивот на Војводина одржана е промоција на неодамна објавениот Македонски глаголски речник ,,Морфосинтакса на глаголите во македонскиот стандарден јазик” од авторот Жарко Бошњаковиќ, а во издание на Македонскиот информативен и издавачки центар. Тоа е првата академска граматика во Србија и ќе биде воврстена во универзитетските наставни средства.
На промоцијата, покрај авторот, професор Бошњаковиќ, говореа: претседателот на покраинската влада, Игор Мировиќ, македонската амбасадорка Михаела Веселинов, претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство Борче Величковски и д-р Станислав Станковиќ, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Косовска Митровица и рецензент на книгата.
Авторот Жарко Бошњаковиќ истакна дека овој речник ќе биде користен за студентите, но и за јазичните теоретичари и лингвисти. „Со овој речник оставаме зад себе белег во општеството и дело кое како систематизиран преглед на лексикографските материјали ќе им послужи на творците на македонски јазик“, рече Бошњаковиќ.
Рецензентот на ова издание и вонреден професор на Филозофскиот факултет во Косовска Митровица, Станислав Станковиќ, рече дека е чест да се биде рецензент на првата академска граматика на истакнатиот српски македонист Жарко Бошњаковиќ.
Претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство Борче Величковски истакна дека станува збор за капитален проект кој ќе го подигне нивото на универзитетско изучување на македонскиот јазик.
На промоцијата на Речникот присуствуваа и покраинскиот секретар за култура, јавно информирање и односи со верските заедници Драгана Милошевиќ, директорот на Архивот на Војводина Небојша Кузмановиќ, како и директорот на Македонскиот информативен и издавачки центар Озрен Симјановски.
Речникот е издаден под покровителство на Покраинската влада и Македонскиот национален совет.