Запознавање

Гајдата како симбол на вековното македонско духовно и културно наследство

Септември е месец кога  во населенето јужнобанатско место Качарево крај Панчево веке 15 години се одржува  меѓународна средба на гајдаџии под мотото “Сличности и разлики„ Тоа што овој скоро заборавен народен инструмент се промовира на овие простори, пред се  меѓу младите,  е заслуга  на  тамошното  македонско здружение “Вардар„  Поточно на претседателот на здружението, Сима Најдовски преку  чии идеи и иницијативи многу македонски народни традиции и обичаи се чуваат и негуваат во колективната свест  на припадниците на македонската заедница во Србија. Но, зошто  токму  гајдата  е извлечена од пајажината на заборав, а не некој од останатите македонски народни инструменти како што се: кавалот, зурлата, тамбурата или тапанот.

Одговорот на ова прашање  е натопено со емоции и спомени.

Нашиот соговорник, Сима Најдовски, се сеќава дека како дете на  секој селски собир во Качарево  ја слушал гајдата која заедно со Македонците во дамнешната 1946, се доселила во јужнобанатските краеви во Војводина. Гајдаџиите преку гајдата ја пренесувале духовната и  културна традиција на македонскиот народ, на  неговите таги,  радости, копнежи, предизвици….

Во минатото, секое село во Македонија имало по еден или повеке гајдаџии, додека денес тоа се поединци, ентузијасти кои ја чуваат гајдаџиската традиција.

За здруженеито Вардар од Качарево и за Симо Најдовски може да се каже дека се  ретки чувари на гајдаџиската традиција. Иако соочени со бројни проблеми и потешкотии  не отстапуваат од својот проект, еднаш годишно да ги доведат најдобрите гајдаџии од Србија и Македонија во Качарево на средбата наречена “Сличности и разлики на гајдата„.

Во изминативе 15 години на собирот настапиле преку триесет учесници, организирани се многу  семинари, работилници. Бројот на заинтересираните се зголемувал од година во година  На првата средба во 2006 година настапиле 5-мина гајдаџии од кои на македонска гајда свиреле Качаревците Атанас Костовски, Иван Ивановски, Жарко Марковски и Тодор Змејковски, додека банатската гајда ја претставил Вири Томислав од Панчево. На последната, годинава учестувале 15 гајдаџии од  Македонија и  Србија меѓу кои и младите гајдаџии Станислава Ѓурѓевиќ и Филип Богдановиќ. Овие собири се повод и за дружење,  за нови сознанија и познанства, да се запее и оро да се заигра.

Впрочем тоа е и целта на оваа манфиестација, различните народи на Балканот да ги поврзе преку сличностите на изворниот мелос и на народни инструменти. Да ја обновува  љубовта  на постарите и да ја развива кај помладите.

Нашиот соговорник Сима Најдовски смета дека и покрај финансиската поддршка од Националниот совет на македонската заедница  во Србија и од  републичкото Министерство за култура, потребна е  силна подршка и од градот Панчево  оваа манифестација после 15 години  да прерасне во фестивал со натпреварувачки карактер.  Гајдата и изворниот народен мелос, според него, треба да  се учат и  во средното  музичко училиште   „Јован Бандур„  во Панчево.  Здружението „Вардар“  таков официјален предлог има испратено  пред 4 години, но за жал сеуште нема повратен одговор.

Традиционалната средба на гајдашите „Сличности и разлики„ треба да се развива и унапредува бидејки  со чувањето и негувањето на иворниот мелос и на традиционалните народни инструменти, македонската заедница во Србија го чува својот македонски идентитет.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button