Душица Илин Шеќеровска
поетеса и новинар (Тетово 12 март 1944 - 23 ноември 2019)
Душица Илин Шеќеровска е наша позната и призната поетеса, авторка на повеќе од десетина книги поезија, меѓу кои: „Фреска на срцето“ (1971), „Сизифина“ (1976), „Ветер во кафезот“ (1982), „Толкувањето на стравот“ (1989), „Спорен лет“ (2002), „Вишок на земја“ (2014), „Самотија во движење“ (2019).
Авторка е и на три антологији: Зборник на поезија на добитниците на престижната награда „Златен венец“ на Струшките вечери.
Песните на Душица Илин Шеќеровска преведени се и објавувани во Полска, САД, Турција, Индија, Романија, Хрватска и застапени се во антологиите на македонската и југословенската поезија.
Добитничка е на значајни национални и меѓународни книжевни награди, меѓу кои „Печатот на принцот Лазар“ (2010), „Златен прстен“ (2013), севкупното нејзино творештво на македонски јазик, и за сега е единствена македонска поетеса носител на наградатаа „Симо Матавуљ“. Наградата ја додели Здружението на писатели на Белград за исклучителен придонес во српската литература и меѓунационалната соработка во културата меѓу српскиот и македонскио народ за 2014 година.
Душица Илин Шеќеровска се ангажираше на поврзување на македонската и српската култура и културните творци.
Еден е од оснивачите на првото српско-македонско друштво во Белград „Шар планина“, еден од најзаслужните иницијатори и основоположници на Здружението „Македониум“ во Белград, негов прв секретар, а од 2014 година и негова почасна претседателка. Иницијатор е за формирање на македонски струковни здруженија во Србија, како и уредник за култура во списанието „Македонска виделина“, кое на македонски јазик излегува во Р. Србија. Во Македонскиот национален совет беше член во мандатот 2010-2014, каде што го водеше одборот за култура
Како новинар на Македонската радио-телевизија, ги промовираше македонските научници и културни творци, кои живеат и творат во Р. Србија.
Се школувала во Битола, Тетово, Скопје и Белград. Своите литературни и новинарски студии ги усовршила во Скопје и во Белград. Работниот век го помина како новинар на Македонската радио телевизија, од кои 30 во последните години како дописник од Белград. Беше долгогодишен член на Здружението на писателите на Србија и Македонија.
Почина на 23 ноември 2019 година во Белград, каде што е и погребана.