ВестиКултура

Ирена Ѓукиќ нова претседателка на ДЛУМС

По подолга пауза, повторно со својата работа се активира Друштвото на македонските ликовни уметници во Србија (ДЛУМС). Управниот одбор на друштвото се состана и одлучи да ги ангажира своите членови, македонски уметници, но и да ги повика помладите перспективни уметници со македонско потекло кои живеат и работаат во Србија, да се приклучат и дадат свој придонес.

На седницата на Управниот одбор на ДЛУМС избрано е новото членство на целиот одбор и одлучено иден претседател на Друштвото да биде м-р Ирена Ѓукиќ. Се разговараше за нови идеи, потенцијални изложби, конкурс за нови членови како и промоција на Друштвото со цел да се трасира патот за подобра афирмација и работа на членовите на најдобар начин.

– Целта на друштвото е да ја истакнеме богатата уметност на припадниците со македонско потекло, кои на најдобар начин би ја промовирале македонската култура во Србија. Како новоизбран претседател, му благодарам на Управниот одбор за укажаната доверба и ќе ми биде чест да ја промовирам работата на ДЛУМС. Ќе се обидам да го направам тоа во најдобро можно светло, бидејќи како уметник ги разбирам потребите на моите колеги, особено во време кога уметноста е занемарена категорија на општеството и кога секој ден е борба. Очекувајте нови изложби, промоции и убави настани како дел од нашата работа. Очекуваме помош од Националниот совет како и од вас новинарите за подобра афирмација на нашите членови, нивната работа и општеството во целина, вели Ирена Ѓукиќ новоизбраната претседателката на ДЛУМС.

На еден од поранешните состаноци на ДЛУМС

Друштвото на македонските ликовни уметници во Србија брои 30 членови, а во наредниот период планирано е да биде објавеен конкурс за нови членови.

Автопортрет, карикатура

Ирена Ѓукиќ е млада македонска сликарка, која што живее и работи во Белград. Дипломиран сликар на смерот за рачна изработка на хартија и Магистер на ликовната уметност на смерот Графика. Работи во креативната работилница за деца ,,Ствараоница” а пред тоа како во приватното училиште Бејза, како наставник по ликовно. Има долгогодишно искуство во работа со деца на српски и англиски јазик. Во Белград имаше две самостојни изложби, а учесник е на десетина групни изложби во Србија и Македонија.

ДЛУМС е основан од страна на Националниот совет во 2012 година, како струковно здружение на иницијатива на сликарот Кире Станковски од Белград. Неговиот прв претседател беше Димитар Чудов, а по него Васил Галев. За жал, сите тројца веќе не се меѓу нас.

Кире Станковски
Димитар Чудов
Васил Галев

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button