ВестиМакедонија

Средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски - воспоставен конструктивен дијалог од взаемен интерес

Во Амбасадата на Македонија во Белград одржана е средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски и претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ. Покрај министерот Муцунски на средбата присуствуваа и македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчевски и Марјан Христов шеф на кабинетот на министерот за надворешни работи, а во придружба на претседателката на советот беше секретарот Марјан Јованоски.

Најпрвин беше изразено задоволство од средбата и воспоставената комуникација на највисоко ниво меѓу НС и МНР на Македонија со определба за натамошно унапредување преку отворен, чест и конструктивен дијалог за сите прашањата од взаемен интерес.

Претседателката Митровиќ го информираше министерот Муцунски за заложбите и активностите на Националниот совет во рамките на македонската национална заедница во Србија, а покрај другото замоли министерот Муцунски да се заложи за повторно воспоставување на летниот и зимскиот камп на МНР за децата од дијаспората кои го изучуваат македонскиот јазик, како и враќање на конкурсите за доделување на средства за реализација на проекти на здруженијата на Македонците во дијаспората кои Министерството ги имаше во минатото. Исто така беше побарана заложба од страна на највисоките претставници на Македонија до српските колеги за поголема институционализација на Македонците и нивно поактивно вклучување во административниот и политичко-општествениот живот на Србија по примерот на Србите во Македонија.

Министерот Муцунски истакна дека барањата на Македонците кореспондираат со плановите и стратегијата на Министерството за наредниот период во врска со камповите за децата од македонската дијаспора, како и во врска со конкурсите за доделување на средства за реализација на проекти за здруженијата на Македонците во дијаспората. Истовремено нагласи дека поголема институционализација на Македонците во Србија ќе претставува заеднички влог во наредниот период пред српските власти и државни претставници за кои се надева дека ќе имаат разбирање за наведеното.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button