Марјан Јованоски именуван за секретар во Македонскиот национален совет
Претседателката на Националниот совет на Македонската национална заедница во Србија Зорица Митровиќ, го именуваше Марјан Јованоски за Секретар на Националниот совет, согласно Статутот на Советот.
Марјан Јованоски е роден во Македонија во градот Прилеп во 1985 година и е магистер на политички науки за Југоисточна Европа. Јованоски 14 години бил кариерен дипломат кој зад себе има два дипломатски мандати во Амбасадата на Република Македонија во Србија, а вкупно повеќе од 10 години живее и работи во Белград. Јованоски основно и средно образование завршил во Прилеп, дипломирал на Правниот факултет отсек политички науки при Универзитетот св. Кирил и Методиј во Скопје, додека магистрирал во 2015 година на Универзитетот Евро-Балкан – отсек за политички студии на Југоисточна Европа на тема „Меѓусоседските односи и нивната импликација врз динамиката на евроатлантскиот интегративен процес на Република Македонија“.
Инаку во минатото Марјан Јованоски има извршувано повеќе одговорни позиции во рамките на македонското Министерство за надворешни работи и Амбасадата во Белград и тоа советник во Кабинетот на Министерот за надворешни работи 2006-2011, советник-конзул во македонската Амбасада во Белград 2011-2013, ВД амбасадор 2013-2014, раководител на одделение во рамките на МНР, член на кабинетот на Претседателот на Македонија др. Ѓорѓе Иванов, како и прв секретар во Амбасадата во Белград 2017-2020 година.
Претседателката Зорица Митровиќ му даде доверба и поддршка на Јованоски бидејќи верува дека тој добро ги познава состојбите во македонската заедница во Србија, нејзините заложби и цели, но и бидејќи е убедена дека одговорно ќе ја врши функцијата Секретар на советот и ќе ги застапува интересите, активностите и заложбите на Националниот совет и воопшто македонската заедница во Србија, со што ќе допринесе македонската заедница во Србија да продолжи уште посилно и побрзо да се движи по вистинскиот пат.
Марјан Јованоски доаѓа на местото на Зорица Митровиќ, која беше избрана за Претседателка на Националниот совет на седницата одржана на 23 март 2024 година.