Деновите на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија” свечено се отворени со изложбата ,,Очите гледат се” на ликовната ументичка Гордана Јаневска од Скопје. Галеријата ,,Никола” во Белград беше тесна да ги прими сите љубители на уметноста и македонската култура на свеченото отворање.
Програмата, која што започна со минута молк за настраданите во двете големи трагедии во Белград, ја отворија организаторите и претставниците на здружението ,,Македониум” Зорица Митровиќ и Синиша Новески, како и македонската вд амбасадорка во Белград Михаела Веселинов.
,,Очите се порта и премин помеѓу духовното и реалното, метафизичкото и објективното. Затоа сликите на Гордана се визуелно и интимно доживување и претстава на нејзиниот поглед кон светот, луѓето и природата. Главни мотиви во нејзините слики се фигурацијата и природата стилизирани во една асоцијативна минималистичка апстракција.
Од ликовниот јазик во нејзините слики доминира линијата како конструкција и основа на експресивните бои кои со својата текстура дават виталност на сликите. Играта со топли и ладни бои дава една динамична комплементарност и радост на сликата.
Стилски нејзините слики се блиски до експресионизмот, кубизмот, симболизмот и надреализмот.
Иако нејзините портрети ликовно ги гради асиметрично и разиграно во вид на распарчена античка маска, сепак тие дишат со една убава естетика на психолошка мистика.
Нејзините очи во сликата гледат една арабеска на универзална емоционална убавина,радост,тага,осаменост или разочараност. Тие духовни состојби таа успешно ги претставува со ликовна моделација на црната и белата боја кои како дуализам доминират во нејзините слики. Исто така во сликите на Гордана може да се виде една хармонична синтеза на фигурата, природата и анималноста со што таа прави една своја лична и оргинална митологија во сликите. Според начинот на сликање таа е блиска до сликањето на Матис, Пикасо и Модиљани, но сепак внесува оргиналност со својот спој на сензибилност и еруптивна ликовна експресија. Сликите како уметничко дело се дијалог не само на уметникот со светот туку и огледало на внатрешното доживување на уметникот и неговите емоции кои кај Гордана даваат една елегантна симбиоза на разиграност, интимност, ведрина но и таинственост. Таа никогаш не се држи до некое ликовно клише на повторување, туку секогаш индивидуално со нова енергија и идеја ја слика сликата на тој начин таа внесува слобода и посебност во секоја слика.таа е авантурист и сигурен сликар патник низ времето и просторот. Таа е истовремено и борец и балерина со сликата.” истакна Синиша Новески, отворајќи ја изложбата.
Изложбата е со продажен карактер и ќе биде отворена до 21 мај.
Манифестацијата Денови на македонската култура во Белград ја организира здружението ,,Македониум” а традиционално ја поддржуваат Македонскиот национален совет, Министерството за култура на Република Србија и компанијата Алкалоид.