На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Форумот на млади Македонци и Здружението Македониум од Белград распишаа литуратурен конкурс по повод одбележувањето 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.
Есејот или песната (максимално 3 песни) за ликот и делото на Ацо Шопов треба да бидат пишувани на македонски или српски јазик и да не се до сега објавувани. Се доставуваат на меил адресите: forummladihmakedonaca@gmail.com и makedonium.belgrad@gmail.com со назнака за литературен конкурс и име и презиме на учесникот, најкасно до 30 април, 2023. година.
Творбите ќе се најдат во книга ,,СРМА за Ацо Шопов“ што ќе биде издадена и промовирана до крајот на годината, а на промоцијата ќе бидат повикани да присуствуваат сите застапени автори.
За Шопов
Ацо Шопов бил роден на 20 декември 1923 година во Штип, а починал во Скопје на 20 април 1982.
Во Штип завршил основно училиште и гимназија, а Филозофски факултет во Скопје.
Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година. По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Објавил повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др.
Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов.
Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: „Песни“, „Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), „Со наши раце“, „На Грамос“.
Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната, втора фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: „Стихови за маката и радоста“ и „Слеј се со тишината“.
Во последната фаза, поезијата на Ацо Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“, „Гледач во пепелта“.
Бил прв директор на книгоиздателството ,,Кочо Рацин“ (подоцна преименувано во „Македонска книга“), и оголемниот дел од работниот живот го посветил на издавачката дејност. Бил исто така амбасадор на СФР Југославија во Сенегал, а кариерата ја завршил како Претседател на републичката комисија за културни врски со странство.
Прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, Ацо Шопов претстедавал во неколку наврати со Друштвото на писателите на Македонија. Бил исто така претседател на Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија.
Ацо Шопов е познат како поет и преведувач на поезија. Почнувајќи од неговата прва збирка, Песни, којашто е едновремено и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија, во 1944 год., па сè до последната, Дрво на ридот, објавена во 1980 год., Ацо Шопов ги изгради темелите на една решително современа поезија којашто се потпира на родната Македонија со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Неговата поезија успева да ги соедини, во едно исто интимно искуство, личните доживувања на поетот и судбината на човештвото.
Добитник е на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970 г.), како и на низа литературни награди: ,,Кочо Рацин“ — за стихозбирките Слеј се со тишината (1956 г.), Ветрот носи убаво време (1957 г.) и Гледач во пепелта (1970); „11 Октомври“ — за препевот на Хамлет (1960 г.) и за животно дело (1981 г:); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967 г.); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977 г.).
Негови збирки поезија се препеани на словенечки, унгарски, руски, латвиски, српски и хрватски, француски, романски, шпански, германски, и бугарски јазик. Преведуван е на голем број други странски јазици, во антологии и избори.
На 18 август 1967 година е избран за еден од првите редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1968 година, за дописен член на Српската академија на науките и уметностите.