ВестиЗапознавањеКултураМагазинМакедонија

Денеска се празнува Стара нова година, утре Василица – oбичаи, песни и верувања

На 1 јануари според стариот, односно 14 јануари според новиот календар македонскиот народ празнува три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа нај повеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија.

Празнично лепче
Мазник со паричка

Особено познати се некои обичаи како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во охридско-василичари, во битолско-бабари, во скопско и тиквешијата-џамалари, во разлошко-сурваскаре, во костурско и други места во Егејска Македонија ешкари и тн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Овој обичај традиционално се негува и кај Македонците во Србија, од страна на здружението ,,Вардар” од Качарево. Секоја година за овој празник тие организираат василичарски маскенбал со традиционалните бабари и нивните карактеристични носии и палат василичарски оган пред здружението. Тука се пее и се игра, се пие варена ракија и вино, а во чествувањето се придружуваат и мештаните на Качарево.

Василичарски маскенбал во Качарево
Василичарски оган во Качарево
Бабари

Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година:

Сурова, сурова година
голем клас на нива,
голем грозд на лоза
жолт мамул на леса,
живо здраво до година.
до година до амина.

Децата, исто така, носат прачки, дренови или сливови, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови (здрави) како прачката. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата.

Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.
Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Василичарски оган во Македонија

Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача, мазник или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семејството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време. Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13 и 14 јануари (.н.с.). Василичарите се организираат во групи, зависно од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја од овие групи си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Секоја група си има свој василичарски бајрак, што се чува во црквата Свети Никола и се користи само во оваа прилика. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото. Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија носи и патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице, облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.

Традиционалниот василичарски карневал во Вевчани

Во василичарските празнувања во Вевчани покрај традиционалните елементи, ликови, маски и сл. има и нови елементи, пред се маски и активности со кои се критикуваат некои настани или личности од изминатата година. Поради тоа што оваа манифестација доби поголема масовност и атрактивност во 1993 година Вевчани со својот карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови. Вевчанските василичари учествувале на многу карневали во светот.
Очигледно е дека обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско време и дека нивна цел е да обезбедат среќа и напредок на поединецот но и на пошироката заедница.

Народна песна

– Сива, сива Василица,
каде си се осивила?
– Тамо долу на Бел Дунав!
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златна чаша канатица,
ми канеше слава Божа,
слава Божа и Божика.
Божик ми е небото,
слава му е на земјата!
Оооооо и в година!
Благослов
Колку трна, претрна,
толку амбари пчејнца!
Колку капки сланина,
толку прасци в кочина!
Колку трошки сирење
толку јагниња, јариња!
Колку писма, преписма,
толку синчиња, ќерчиња!

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button