Македонска ориз тава
Ориз тава, или познатиот ориз со пилешко месо е рецепт кој се приготвува скоро во секој дом во Македонија, и е традиционален кочански неделен ручек. Денот кога сите заедно седнуваат на ручек, почесното место на трпезата го имал кочанскиот ориз. Искусните готвачи велат дека тавата ориз не се прави со обична вода, туку со вода во која претходно се варело месо од кокошка.Во Крива Паланка од каде што е Ратка Младеновска ова јадење се вика бела тава. Покрај пилешкото месо, може да да се подготвува и со риба, со зеленчук, печурки, или без овие додатоци, само оризот.
Ратка Младеновска живее во Качарево и во рамките на Здружението ,,Вардар” учествува во негувањето на македонската традиција и обичаите. Ни покажа како на наједноставен начин и со успех да го приготвиме ова извонредно јадење.
Симболично во кочанскиот крај во септември месец се одржува и традиционална културна манифестација Денови на кочанскиот ориз. Самата манифестација е замислена како спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нивата до трпезата. Со неа се прави обид да се сочува традицијата во оризопроизводството.
Духовното и материјалното културно наследство се пренесува преку песната, орото, народните обичаи, традиционалната кујна, старовремските предмети и алатките за обработка на ориз. Манифестацијата Денови на кочанскиот ориз со својот меѓународен предзнак е повод за нови пријателства, преку гостувањата на официјални општински, стопански и културни делегации во времето на собирањето на родот од кочaнските полиња. Целта на целата организација е да потсети на далеку познатиот квалитет на кочанскиот ориз и да се даде поддршка во неговиот пласман во и надвор од границите на Република Македонија.