Флејтистката и оперска пејачка Билјана Камчева не ја остави рамнодушна белградската публика со својот богат и разновиден музички репертоар. Во Конакот на кнегиња Љубица, во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград таа настапи заедно со пијанистката проф. Елена Сиљаноска и гостинката од Белград Јелена Алексиќ (сопран).
Во рамките на програмата таа се претстави и како флејтистка со неколку соло точки, но и како оперска пејачка изведувајќи неколку руски романси, како и композиции кои се дел од творештвото на македонските современи композитори. Пијанистката Елена Сиљаноска даде одлична подлога и ја употполни музичката магија на својата колешка од Националната опера и балет.
Соло пејачката Јелена Алексиќ, која како дел од дуото ,,Етно лирика” ја отвори овогодинешната манифестација Денови на македонската култура, настапи и како гостинка на овој концерт изведувајќи неколку нумери од руските и македонските композитори.
Билјана Камчева е пример на млад музичар активен со два профили на изведба, како флејтистка и како соло пејачка и една е од најистакнатите и најафирмирани македонски музичари од помладата генерација.