Осврт на изложбата ,,Македонска азбука” на Сергеј Андреевски
Сликарот Сергеј Андреевски е авангардна генерација која ги поврзува старите македонски сликари и уметност со современите светски сликарски случувања. Сергеј е македонски бренд и континуитет на една културно-уметничка традиција. Потекнува од уметничко семејство, неговите родители се Светлана Христова Јоциќ и Петре Андреевски, истакнати македонски и светски книжевници, кои индиректно се инспирација за оваа изложба насловена како ,,Македонска азбука” посветена на 100 годишнина од раѓањето на уште еден македонски уметнички бренд Блаже Конески. Изложбата е составена од 31 слика каде секоја буква во експресионистички, симболичен и надреалистички стил кажува своја ликовна прикаска.
Буквата е некогаш симбол на човечка фигура, животно или некое растение од неговата Слоештица. Секоја буква е во различен колорит, со доминација на линијата, цртежот, текстурата и комплементарноста на боите.
Во секоја слика Сергеј остава една естетска и духовна трага, белег, отисок преку ликовниот јазик да ја долови љубовта кон пишаниот макеоднски јазик и култура. Тој како мало дете си игра со сликите, се радува на нив, но преку ликовната зрела писменост прави успешна дестилација на рационалното и инстиктивното да добие едно добро уметничко дело. Сергеј е лиричен и екпресивен сликар, кој своето духовно доживување како вулканска магма и ерупција го пренесува со своите четки, раце и гестакулација врз платното. Тој е цело време во некој уметнички транс, танцува и е во дијалог со неговата слика.
Во овие слики од сите букви се издвојува една буква, која ја има само во македонската азбука, буквата Ѕ, како ѕвезда, ѕвоно, ѕингало, ѕид, ѕвечи… Таа како симбол и визуелен знак Сергеј ја прикажал како пола бесконечност, дадена од македонски стар бог Ѕ. Бесконечност која ние Македонците треба да ја пополниме и завршиме за да бидеме бесконечно изградени со љубов, почит и разбирање. Затоа оваа изложба како еден вид на културна дипломатија нека ѕвони, ѕвечи и силно кажува за Македонија, за македонскиот јазик, за македонската уметност и култура.
Синиша Новески