Вести

Панахида за Гоце Делчев во Јабука

Во организација на македонското здружение „Илинден“ од Јабука, а под покровителство на Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, организирана е Панахида, полагање на свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Јабука, по повод 119 години од неговата смрт.

На овој настан, кој се одржа во рамките на истоименото Основно Училиште „Гоце Делчев“ во Јабука, присуствуваа претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија Борче Величковски, претседателот на месната заедница Јабука Слободан Илиќ, директорката на ОУ „Гоце Делчев“ од Јабука Билјана Ѓуровиќ, претседателите на македонските здруженија  „Илинден“ од Јабука, „Македониум“ од Белград, „Вардар“ од Качарево, „Никола Карев“ од Панчево и други, како и претставниците на градот Панчево и градот Вршац и издавачката куќа „Македонски информативен и издавачки центар“.

„Во годината во која славиме 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, осведочен македонски борец за слобода, револуционер и наш учител, ние припадниците на македонската национална заедница во Србија, на денешен ден веќе седумдесет и пет години доаѓаме овде да  оддадеме почит на сенките на овој великан, положувајќи свежо цвеќе пред неговата биста овде во Јабука и на тој начин ја изразуваме својата најдлабока благодарност за слободата што ни ја подарил.“ – рече претседателот на Националниот совет на Македонскиот национален совет во Србија Борче Величковски.

Според Слободан Илиќ, претседателот на МЗ Јабука, граѓаните на ова место каде што живее најголем дел од македонската заедница се горди што единствената биста на овој македонски херој е токму во Јабука.

„Ние сме братски и пријателски народи и како такви се почитуваме, живеејќи во хармонија и заедништво“-истакнува Илиќ.

Директорката на ОУ „Гоце Делчев“ ги поздрави сите присутни со зборови на благодарност, изразувајќи гордост што ова училиште го носи името на македонскиот народен херој.

По церемонијата на положувањето цвеќе во просториите на здружението на Македонците „Илинден“ од Јабука, за сите присутни беше организиран коктел.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button