Отворен Балкан и „затворените“ политичари
Иницијативата Отворен Балкан која на почетокот беше медиумски и политички испромовирана како „мини шенген“ привлече огромно внимание не само во регионот на Западен Балкан, туку и во истакнатите, таканаречени центри на моќ како што се Вашингтон, Берлин, Брисел и Париз. На почетокот иако „западните“ политичари искажуваа одредени резерви во однос на самата иницијатива, сепак сите едногласно изразија согласност во тоа дека станува збор за проект кој само може позитивно да влијае на развојните процеси во целиот регион, а пред се во економска смисла. На почетокот на површина исплива и прашањето дали станува збор за проект кој претставува алтернатива на европските интеграции, но сепак, а со текот на времето, стана јасно дека сепак се работи за иницијатива која само може дополнително да ги забрза европските интеграции на земјите од Западен Балкан.
Меѓутоа, овдешните политичари ја искористија и оваа прилика, и оваа иницијатива за собирање на политички поени па така бројни политичари од Белград, Скопје, Приштина, Тирана, Сараево и Подгорица ја оквалификуваа иницијативата како доказ дека европската иднина е се понеизвесна, како и дека актуелните владеачки политички лидери во Белград, Скопје и Тирана ја користат истата како би го одвлечеле вниманието на јавноста за тоа дека впрочем назадуваме во однос на зачленувањето во Европската унија. Меѓутоа, имајќи во предвид дека претседателот на Србија Александар Вучиќ беше медиумски „истурен“ како идеен креатор на иницијатива одредени политичари во регионот не ја пропуштија можноста да кажат и тоа дека станува збор за „големо-српски проект“.
И така е се до ден денес. Скопје, Тирана и Белград останаа осамени во целиот процес, без приклучување на Подгорица, Приштина и Сараево во истиот, додека пак, пред се опозиционите политичари во Србија, Македонија и Албанија, не пропуштаат ниту една можност да истакнат нешто негативно во однос на целата идеја – од тоа дека всушност Отворениот Балкан е замена за членството во ЕУ па се до тоа дека оваа идеа може да донесе само добро за Србија, но не и за другите, односно за Македонија и Албанија.
Никој до сега, ниту академската, ниту стручната јавност не влезе во една вистинска, пред се реална дебата на која би се анализирале придобивките, но и евентуалните негативни страни од целиот проект Отворен Балкан. Освен самите иницијатори, ниту еден независен експерт или новинар не излезе да каже колку е голема придобивката од отворениот пазар, што значат отворените граници, единствените царински постапки, отворениот пазар на трудот и ред други, пред се економски интегративни политики кои без сомнение се во интерес на обичните граѓани, работодавачите, производителите, инвеститорите, а со самото тоа и на државите кои се веќе дел од процесот.
Од друга страна, никој ништо не презема во Подгорица, Приштина и Сараево а со цел да се отвори прашањето – зошто овие три западно-балкански актери одбиваат по секоја цена да бидат дел од Отворениот Балкан. Дали навистина веруваат во таканаречените големо-српски амбиции представени од страна на теоретичарите на заговор или се навистина далеко од реалните тенденции во регионалната и европската политика. И на крај дали навистина себе си се замислуваат за големи подржувачи на концептот на европските интеграции, а истовремено одбиваат било каква регионална интеграција. Во тој случај би требало можеби да се запрашаат – а како воопшто настанала Европската унија да не се случеше прво регионалната интеграција, пред се интеграцијата помеѓу членките кои се соседи.
На крајот на денот битно е да го мериме половичниот успех, да критикуваме, како и во се друго на Западниот Балкан. Никој не се запрашува навистина зошто одредени политичари го критикуваат овој проект и на што ги темелат своите критики, ниту пак зошто Сараево, Подгорица и Приштина одбиваат да се прклучат, а да затоа имаа објективни причини. Битно е само да се каже нешто негативно, нешто за стекнување на политички поени, па макар и спротивно на интересите на граѓаните, па макар и спротивно на реалноста и здравиот разум.
И така од ден во ден. Всушност секој ден е се исто. Многу зборуваме за националните интереси, ама сепак политичките и личните се пред се. Па зошто да не и во овој случај, зошто да не и кога станува збор за Отворениот Балкан. Што ако станува збор за добра иницијатива кога не се спроведува во моментот кога ние сме на власт и што ако станува збор за интерес на граѓаните кога тоа не е во наш личен и политички интерес. Можеби си велат – најдобро е да пропадне, и онака овде, на Западниот Балкан, кој се уште не е отворен, бар како би требало, интересите на граѓаните се на „последното седиште“.