Македонски денови на култура во Нови Сад
Инспирација и ѕвезда водилка за Деновите на македонската култура во Нови Сад, како што впрочем покажува и името на организаторот – македонското здружение во Нови Сад, претставува делото на Светите браќа Кирил и Методиј. Тоа всушност претставува носечка порака и поттик на 15-годишната традиционална манифестација. Нејзината улога е и да придонесе во зближување, јакнење и промоција на соработката меѓу македонскиот и српскиот народ, но и меѓу сите останати народи кои живеат на овој мал но значаен простор, притоа негувајќи ги своите посебности а почитувајќи ги различностите.
Оваа манифестација е една од најстарите, а сеуште е актуелна и реномирана во рамките на македонската заедница во Србија. Организирана е во соработка со Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, со поддршка на Амбасадата на Македонија во Белград и институциите на Покраината Војводина и на Република Србија. Во 2021 година ја прослави јубилејната 15-та година од постоењето.
Секоја година се приредува пригодно одбележување на македонскиот празник Св. Кирил и Методиј, што всушност претставува централен настан и воедно суштина околу која се обединуваат сите други настани и активности опфатени во Манифестацијата.
Имајќи во предвид дека Деновите на македонска култура траат по неколку недели, опфаќаат многу бројни настани и активности кои на достоинствен начин го претставуваат македонското национално и културно богатство. Воедно истите даваат значаен придонес во негувањето на културата, традицијата, посебноста и македонскиот идентитет во Нови Сад, покраината Војводина и воопшто во Република Србија.
Големиот број на изведувачи, музичари, културни работници, дејци, книжевници, професори, научници и другите учесници на Манифестацијата, сите овие години го збогатуваат нејзиното значење. Преку богатата и разновидна програма се промовира македонската поезија, литература и јазик, а се организираат и работилници, предавања и централната свечена академија. Придонесот на овие активности во зачувувањето на „врската со Македонија“, можеби се „главен виновник“ за посетеноста на организираните настани како од страна на припадниците на македонската заедница, така и од страна на сите останати граѓани кои живеат во Војводина и Србија. Охрабрува и фактот што манифестацијата е редовно посетена и со големо внимание проследена и од страна на претставници на градската управа на Нови Сад, покраинската и српската Влада, како и од страна на медиумите.
Во 2017 година Деновите на македонската култура во Нови Сад се прогласени за манифестација од особено значење за македонската национална заедница во Република Србија од страна на Националниот совет – уште еден доказ за нивната вредност и важност.
Се чини дека нема потреба посебно да се нагласува потребата за натамошно успешно одржување на македонските денови на култура во Нови Сад. Секако е важно да биде подвлечена желбата за продолжување на оваа традиционална манифестација со уште побогата програма и уште поголем фокус од страна на надлежните институции од Србија и Македонија, во секоја смисла. Се разбира со ште повеќе учесници, активности и со уште повеќе публика и посетители, особено оние на помладата генерација припадници на македонската заедница.
Заедничка желба на организаторите и на публиката, 50-годишнината на Деновите на македонската култура во Нови Сад, да биде само еден од многуте јубилеии кои заедно и со Божја помош ќе се одбележат во иднина!